Откако пропаднаа преговорите за мир во Украина, САД со нови санкции против Русија

САД воведоа нови санкции за Русија, кои ги погодуваат големите руски нафтени компании и ги обвинија Русите за недостаток на посветеност кон завршување на војната во Украина. Во меѓувреме, Русија спроведуваше голема воена вежба со нуклеарно оружје.

Новите санкции беа воведени еден ден откако пропаднаа плановите за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп им рече на новинарите дека ја откажал средбата затоа што не му се чинеше како соодветна.
Министерството за финансии на САД соопшти дека двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, биле цел на санкции во обид да се наруши способноста на Москва да ја финансира својата воена машина.
Овој потег означи остар пресврт за Белата куќа, која досега се движеше помеѓу притисок врз Москва и преземање попомирувачки пристап насочен кон обезбедување мир во Украина. Само минатата недела Трамп се чинеше подготвен да се воздржи од нови санкции насочени кон Москва.
„Сега е време да се запре убивањето и за итен прекин на огнот“, рече американскиот министер за финансии Скот Бесент. Цените на нафтата го продолжија растот по коментарите на Бесент, зголемувајќи се за повеќе од 2 долари за барел.
Со месеци, Трамп се спротивставуваше на притисокот од американските пратеници да воведе енергетски санкции, надевајќи се дека Путин ќе се согласи да ги прекине борбите. Но, бидејќи немаше крај на повидок, тој рече дека чувствува дека е време.

Трамп рече дека сè уште не е подготвен да ѝ обезбеди на Украина ракети со долг дострел „Томахавк“, што ги побара Киев. Разговарајќи со новинарите за време на средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп рече дека на Украинците ќе им требаат најмалку шест месеци да научат како да ги користат.

Пред состанокот следната недела со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја, Трамп рече дека би сакал да го види Си како го користи своето влијание врз Путин за да ги запре борбите. Си и Путин формираа стратешки сојуз меѓу нивните земји.
Во нова демонстрација на сила, Кремљ објави видео на кое се гледа генералот Валериј Герасимов, началник на Генералштабот, како го известува на Путин за вежбите. Русија соопшти дека испукала ракети од копнени лансери, подморници и авиони, вклучувајќи и интерконтинентално балистичко оружје способно да ги погоди САД.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите стратешки бомбардери со долг дострел летале над Балтичкото Море, придружувани на различни точки од борбени авиони од странски – веројатно членки на НАТО – држави.

Во клучните моменти од војната во Украина, Путин издаде потсетници за нуклеарната моќ на Русија како предупредување до Киев и неговите западни сојузници. НАТО, исто така, спроведува вежби за нуклеарно одвраќање овој месец.
Земјите од ЕУ, исто така, го одобрија 19-тиот пакет санкции против Русија за нејзината војна против Украина, што вклучува забрана за увоз на руски течен природен гас, соопшти данското ротирачко претседателство на ЕУ.

INFO