Најмалку 63 загинати во судир на два автобуси во Уганда

Најмалку 46 лица загинаа, а неколкумина се повредени при тешка сообраќајна несреќа во западна Уганда, соопшти полицијата. Станува збор за една од најтешките сообраќајни трагедии во Источна Африка во последните години, пишува Асошиејтед Прес.

Според полициското соопштение несреќата се случила 15 минути по полноќ по локално време. Два автобуси се судриле додека се движеле во спротивни насоки, додека се обидувале да избегнат камион и автомобил. Еден од автобусите изгубил контрола, и предизвикал судар.

Првично, властите соопштија дека загинале 63 лица, но бројката подоцна беше ревидирана на 46, откако било утврдено дека дел од жртвите кои на почетокот биле прогласени за мртви, всушност биле во бессознание.

„Во моментот на несреќата, неколкумина од повредените беа во несвест и можеби по грешка беа вклучени во првичниот број на загинати,“ стои во полициското соопштение.

Според Ирена Накасита, портпаролка на Угандскиот Црвен крст, сцените од местото на несреќата биле „потресни“, со многу жртви со скршени екстремитети и тешки крварења.

„Размерите на овој инцидент се навистина големи,“ изјави таа, додавајќи дека фотографиите од местото се премногу вознемирувачки за да се објават.

Поголемиот дел од повредените се пренесени во државната болница во Киријандонго, каде што им се укажува медицинска помош.

Во Уганда и пошироко во регионот на Источна Африка, ваквите трагедии не се реткост. Слични несреќи често се случуваат поради тесни патишта, прекумерна брзина и невнимателно претекнување.

INFO