Единаесет лица се уапсени, а еден е недостапен од криминална група која се занимавала со лихварство и перење пари, информираат од Министерството за внатрешни работи. Посочуваат дека до Основното јавно обвинителство се поднесени кривични пријави против Б.К.(35), кој во моментов е недостапен и против Љ.Љ.(29), Д.В.(29), А.Т. (29), Д.Љ.(32), М.В.(25), М.Н.(36), А.Т.(32), З.А.(42) кои се веќе лишени од слобода за кои постои основано сомневање дека како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела. М.К.(73), П.К.(41) и Г.С.(46), пак се осомничени само за перење пари.
Основното јавно обвинителство, пак информира дека е донесена Наредба за спроведување на истрага против дванаесетте осомничени лица, Исто така, ОЈО до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје утре ќе достави и предлог за притвор на осомничените.
Како што информираат од МВР, деветмина од осомничените од почетокот на 2022 година до денеска се организирале во криминална група што се занимавала со давање на пари со договор, притоа договарајќи несразмерна имотна корист во пари, средства или недвижен имот. Искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица им позајмувале пари со пресметување на камата од 5 или 15 отсто месечно зголемување за секое задоцнување. Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка.
Парите кои во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што на различни начини се внесувале во легалните финансиски текови. Постои сомневање дека дванаестмината заедно со едно осомничено правно лице како организирана криминална група се стекнале со имотна корист од над 125 милиони денари или над два милиони евра. Тие, дел од парите ги префрлале на сметки на правни и физички лица, дел ги користеле за своите животни потреби, купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина.