Речиси и да нема општина во Скопје во која нема преполни контејнери со ѓубре, кое буквално се прелева на тротоарите и улиците, во зеленилото, на велосипедските патеки, а на некои места и на самите коловозни ленти. Состојбата со ѓубрето во метрополата е алармантна и незапамтена во светски размери, и тоа меѓу два изборни круга од локалните избори. Веќе нема дилема во јавноста дека здравјето на граѓаните е повторно загрозено поради политичките игри на партиите – нешто што беше карактеристика на речиси целиот мандат на градоначалничката во заминување, Данела Арсовска.
Ако ова продолжи, населението се соочува со ризици од различни болести. Микробиологот, професор д-р Никола Пановски, кој беше советник во претходниот состав на Советот на Град Скопје, а не доби место во новиот совет иако беше кандидат на коалицијата „Искуство за успех“, вели дека вакво нешто никогаш не се случило.
„На некои места има празни контејнери, а пет метри од нив, полно ќеси со ѓубре. Градоначалничката на Скопје беше неодговорна додека беше на функција, а сега пак, апсолутно не ја интересира оваа состојба. Ова никогаш не било. Како прво, влијае на психата кај луѓето, предизвикува депресија и безнадежност, ги гледате тие преплни контејнери и ви се гади. Среќа во целава ситуација е што е крај на октомври и немаме високи температури над 30 степени, кога масовно се размножуваат патогени бактерии. Оние сега што се размножуваат не се опасни, но теоретски е опасно бидејќи не знаеме што сè се фрла“, вели Пановски.
Инсектите и глодарите можат да прошират многу зарази, предупредува тој.
„Инсектите се најважни, посебно мувите, и тие може да пренесат многу болести, а најопасно е ако се намножат стаорците. Тие, заедно со кучиња и мачки, се хранат со храна од тие ќеси со ѓубре во кои веќе се создал токсин, и со тоа тие се главни ширачи на болести. Ако стаорци се размножат енормно, ќе се населат во подрумите и може многу болести за пренесат. Од нивната урина се пренесува болеста листериоза. Замислете да влезат во фабрика за сувомесни производи или во фабрика за храна, може лесно да ја пренесат болеста. Имало случаи, врз лименки врз кои се измокриле, остануваат опасни бактерии кои предизвикуваат тешки болести кај човекот“, предупредува Пановски.
Инсектите, поточно мувите, додава Пановски, можат да пренесат цревни заболувања, односно, има опасност ако токсичната храна од ѓубрето инсектите ја пренесат во кујните, па така се создава ризик од инфекции предизвикани од бактеријата салмонела, потоа, ризик од дизентерија, бактерија ешерихија коли, стафилококни бактерии.

Мета.мк се обиде да го добие директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое е надлежно за подигање смет во град Скопје, Сабахудин Рустеми, но неговата секретарка ни кажа дека бил на состанок и дека ќе ни се јави. До објавата на овој текст тоа не се случи, но затоа Јавното претпријатие испрати соопштение до сите медиуми. Во соопштението, наместо одговор на прашањето кога ќе се исчисти ѓубрето во Скопје, директорот Рустеми бара Министерството за здравство да исплати 5 милиони евра наводен долг кон јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје.
Паралелно со преписките на социјалните мрежи стигнаа и партиски соопштенија, меѓу останатите и од политичката партија Левица, која алармираше дека два дена по изборите тони ѓубре се прелеваат од контејнерите во Ново Лисиче.
Денеска градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски од СДСМ, кој во вториот круг од изборите се натпреварува со Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, во видео обраќање кажа дека оваа ситуација со неподигнатиот смет ги надминува сите граници.
Според него, изминатите пет дена комуналното претпријатие воопшто не се појавува на улиците. Посочи дека пуштил допис до Управниот одбор на ЗЕЛС и побарал итна седница. Тој јавно ја повика Владата за размисли за вонредна ситуација.
Поради ситуацијата со ѓубрето Владата попладнево побара вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и ЈП „Комунална Хигиена“.