Д-р Игор Кузмановски, поранешниот директор на Клиниката за неврологија, кој беше разрешен откако на социјалните мрежи стана вирално видео на кое се гледа како меша бела прашкаста материја, ќе добие лиценца за работа ако помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор, одлучиле членовите на Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора.
„По завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за детална проверка на стручните знаења и способности. Имајќи во предвид дека Законот за здравствена заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата, Комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација“, наведено е во соопштението од Лекарска комора.
Оттаму информираат дека паралелно со ова, во Комората во тек била и сеопфатна процедура поврзана со неговото етичко однесување како доктор.
„Комората даде јавна и остра морална осуда за однесувањето на докторот, јасно ставајќи до знаење дека со своето однесување тој ги крши етичките принципи и го нарушува интегритетот и угледот на лекарската професија. За да се донесе конечна, издржана и најправедна одлука, Комората ги очекува извештаите на комисиите формирани од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, кои треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и стручната способност на докторот во целина. Конечната одлука на Комората ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи“, се вели во соопштението.
Министерот за здравство Азир Алиу на 11 октомври донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, откако на социјалните мрежи стана вирално видео на кое се гледа како директорот меша бела прашкаста материја.
По ова, Алиу го назначи д-р Јован Божиновски за нов директор на Клиниката за неврологија. На прес-конференција, новиот директор-невролог, кој е и асистент на Медицинскиот факултет, кажа дека со право јавноста е загрижена после објавата на ова видео.
„Но, ве уверувам дека од овој момент Клиниката ќе функционира непречено, сите дијагностички амбуланти ќе функционираат непречено, сите лекувања ќе течат нормално. Од денес ќе се формираат две интерни комисии на клиниката, со кои ќе се иницира внатрешен стручен надзор на минатиот директор во период од 12 месеци, за да се направи објективна проценка на услугите и стручните препораки кои ги давал. Откако ова ќе биде разгледано, ќе ја информираме јавноста за фактичката состојба. Ќе се поведе дисциплинска секако против него, но ќе почекаме извештај на ДСЗИ и стручната комисија на Мининстерството за здравство, да не избрзуваме“, рече Божиновски.