Во текот на 42 недела од 2025 година (од 13 до 19 октомври), во Македонија пријавени се 83 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип што претставува зголемување од 5,1 отсто во споредба со минатата недела, објавува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
За споредба, во 42 недела од минатата сезона, регистрирани беа 50 заболени лица (зголемување од 66 отсто), а во однос на моделот за последните 15 сезони, се регистрира зголемување од 55,5 отсто. Заболените лица оваа недела се регистрирани во Гостивар – 30, Тетово – 12, Куманово – 11, Прилеп и Македонски Брод – по 9, Струмица – 7, Неготино – 3 и Радовиш – 2. Во однос на возраста, од 15-64 години се регистрирани 62 лица, лица над 65 години – 14 и од 5-14 години – 7 лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, посебно на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи – постарите лица (над 65 години), деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.
„За сезоната 2025/2026, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 80.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Вакцинацијата започнува на 16.10.2025 година и ќе се спроведува во центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) со нивните подрачни единици (ПЕ) и/или здравствените домови. Вакцинацијата на здравствените работници ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје“, информираат во ИЈЗ.
Закажувањето за бесплатни вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk. Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 13.273 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини.
Дополнителни 2.400 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи. Истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест и ќе се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици.