Единаесеттото коло од ПМФЛ шампионатот веќе стартуваше, а како дел од него денеска е и дуелот помеѓу Македонија ЃП и Башкими кој што се игра на стадионот во Ѓорче Петров со почеток од 13:30 часот.
Домаќинот во овој дуел влегува по ремито во скопската пресметка против Работнички и со тринаесет освоени бодови. Скор кој што можеше да биде и подобар но и полош. „Лавовите“ денеска пред себе имаат тим кој што сезонава и тоа како покажа дека може добро да одигра. На свој но и на гостински терен.
„Башкими е квалитетен противник. Но ние одиме чекор по чекор што се вели. Не се оптоваруваме премногу со противникот, многу повеќе сме фокусирани на она што ние ќе го одиграме. МЃП е екипа која што не го менува премногу стилот на кој што ги игра натпреварите. Ние изгледаме исто против било кој противник. Сакаме да играме, да имаме посед, што од нас и е бара од тренерот Грнчаров. Имаме наш концепт на игра и знаеме што се бара од нас. Победата секако дека е единствена опција, како и на секој меч. Македонија ЃП, во оваа полусезона покажа дека може со секого, и дека не се плаши од никого. Грешките во играта ги поправаме во од и се обидуваме да ги сведеме на минимум. Имаме добар тим, квалитетни играчи и убеден сум дека со позитивна серија на мечеви без пораз, и доволно освоени бодови дека местото на табелата ќе ни биде уште повисоко“, изјави Христијан Пецов.
Башкими сака да ја продолжи со низата позитивни резултати, овој тим има 18 бода и се наоѓа на петтото место на табелата.