Јакимовски: Борбата за Карпош не беше витешка, туку кукавичка

По тесниот пораз во општина Карпош на локалните избори, Стевчо Јакимовски, го оцени изборниот процес како системска злоупотреба, обвинувајќи за поткуп и принуда на гласачи, преку контролирани медиуми и инсталации на избирачки места, до, како што вели, организирано „крадење“ на волјата на граѓаните. Разликата од 1.134 гласа меѓу него и неговиот противкандидат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ во вториот изборен круг, според Јакимовски, е резултат на нечесни методи, а не на фер и демократска борба.

„ВМРО-ДПМНЕ, во Карпош не победивте туку силувавте, Карпош го украдовте. Не го признав поразот, ниту честитав, затоа што борбата не беше витешка, туку кукавичка“, оценува Стевчо Јакимовски, претседателот на ГРОМ, по поразот на локалните избори, со 1.134 гласови разлика.

„Граѓаните на општина Карпош не заслужуваат нефер игра. Од 2000 година па наваму сите избори биле кристално чисти. Еден глас немам уценето, купено или на некого да сум му се заканил. Победите биле чесни и биле израз на вољата на граѓаните. Поразот од 2017 година истата вечер го признав и му честитав на тогашниот победник Богоев. Затоа што победија чесно, без нечесни методи. Може ли да се зборува за чиста победа ако ја искривуваш волјата на гласачите? Се собравте цела влада, најголемите олигарси кои тежат над милијарда, со Фондот за здравство, лекари без достоинство, на платен список на олигархот“, наведува Јакимовски.

Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ купувале ромски гласови и албански гласови во Нерези, но дека во Нерези гласовите чинеле многу поскапо.

„Ги вклучивте сите дилери на дрога кои цел месец ги хранеа консументите на белиот прашак. Ги плативте долговите во кладилниците на сите оние што лебот го вадат од кладење. Само и само да гласаат за сенката на Мицкоски“, вели Јакимовски.

Обвинувајќи за нечесна игра, тој тврди и дека за одземање на лична карта на гласачи кои би гласале за него, ВМРО-ДПМНЕ плаќале педесет евра, а на оние што ќе однесат и ќе стават во кутијата гласачко ливче заокружено со број 9 и ќе вратат празно – 100 евра.

„Крадевте ливчиња, правевте бугарски воз, вашите инсталации во избирачките одбори даваа по две ливчиња, а тоа значи да гласа за двајца. Фолираа дека наводно им се утнало под рака двојно ливче. Делевте брашно, уценувавте, се заканувавте. Сите медиуми беа ваши. Без било каква моја реклама во вториот изборен круг. Цели избори ги поминав без ќор банер или било каква реклама на порталите. Блокада од телевизиите со национална фрекфенција, освен две соочувања и едно интервју кое требаше да биде дебата. Тоа беше вистински одраз на демократскиот амбиент во кој што Карпош требаше да се бори против вашите „кинења на зелени“, секој збор промашување, демонстрирање на раскошно незнаење, обвинител задолжен за избори кој мирно следеше купување на гласачи иако за тоа имаше јавна потврда“, наведува Јакимовски.

Тој обвинува и дека во Карпош, два месеци, ноќе било намерно истоварано ѓубре со камиони од Сарај и Ѓорче Петров.

„И, кој ви е резултатот!? На една страна јас, мојот пи-ар, снимателот со телефончето, шоферот и граѓаните. А на другата страна сите вие, „чесните“. И што постигнавте? Илјада и стотина мизерни ливчиња повеќе. Не ме победивте мене, туку ги надитривте граѓаните на Карпош. И нечесното ќе се памети“, додава тој.

На вториот круг на локалните избори, Јакимовски, кој беше градоначалник на Карпош четири мандати, освои 12.378 гласови од Карпошани, а неговиот противкандидат Лукровски освои 13.512.

INFO