По добиена пријава, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонреден инспекциски надзор на возило што превезувало храна со непознато потекло на подрачјето на општина Чучер-Сандево.
При контролата биле пронајдени 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограм кикирики во зачинета обвивка, спакувани во рефус состојба, без идентификација и без потребните информации за потрошувачите. Во истата пратка биле откриени и 900 килограми индиски ореви со декларација.
Бидејќи дел од производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, АХВ ги прогласила количините за небезбедни и најави дека тие ќе бидат нештетно уништени.
Против лицето затекнато при контролата е поведена прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна од нерегистриран оператор и за немање на потребните информации за потрошувачите. На сторителот му е изречена глоба од 600 евра во денарска противвредност.
Од АХВ информираат дека ќе продолжат со засилени контроли на терен.