Општините и институциите од јавниот сектор во земјава ќе можат да добијат нови официјални веб страници како дел од иницијативата за дигитализација, но и како заложба за подобрување на комуникацијата со граѓаните преку современи решенија.
Министерството за дигитална трансформација ги повика сите општини и институции, без разлика на нивната големина, број на жители или моменталниот статус на нивната веб страница, да аплицираат на јавниот повик и на тој начин да ја зголемат својата транспарентност и пристапност.
Општините ќе добијат веб страница со модерен и функционален дизајн, поддршка за пристапност и подобрено корисничко искуство, интеграција со дигитални услуги и платформи што општината веќе ги користи, миграција на постоечките податоци, како и обука за одржување и ажурирање и едногодишно одржување на веб страницата.
„Министерството ја охрабрува секоја општина и институција од јавниот сектор, да аплицира и да ја искористи можноста за модерна и интерактивна комуникација со своите граѓани“, велат од Министерството.
Пријавите може да се достават најдоцна до 31 декември, а ќе се обработуваат по принципот „прв дојден прв услужен“ се до пополнување на расположливиот број на општини и институции што можат да бидат опфатени.