Македонски концепт предлага намалување на бројот на министри во Владата

Од Македонски концепт велат дека време е државата да се изгради врз принципот на помалку министерства и повеќе одговорност.

„Моделот на прегломазни влади, со прекумерна административна структура и голем број функционери, е производ на левичарско и комунистичко управување, кое со децении ја гуши ефективноста и ја поткопува одговорноста на институциите. Како автентична десничарска партија, ние се залагаме за мала, силна и ефикасна влада, во која секој функционер ќе носи реална одговорност за својот ресор. Од 1945 година до денес, Македонија не познала вистинска десничарска влада во суштинска смисла на зборот. Време е тоа да се промени. Доволно беше комунизам и неокомунизам, кои во последните 35 години ја одржуваат логиката на бирократски систем без резултати и без одговорност“, велат од партијата.

Оттаму предлагаат спојување на дел од министерствата со цел рационализација на државниот апарат и поефикасно користење на јавните ресурси:

„Министерството за правда, локална самоуправа, информатичко општество, администрација и етнички заедници да се обединат во едно Министерство за државни служби – со што, наместо четири, ќе постои еден ресор со интегрирани функции и јасна хиерархија. Министерството за надворешни работи и евроинтеграции да се спојат во едно целосно усогласено Министерство за надворешни и европски работи, а министерството за животна средина да се интегрира со земјоделството, а културата да се поврзе со образованието, согласно современите европски практики за рационална јавна администрација…“, велат од Македонски концепт.

Со оваа реорганизација, велат од партијата, бројот на министри ќе се намали за најмалку 50 отсто, при што функционерите ќе добијат поголема тежина и отчетност, а граѓаните ќе плаќаат значително помалку за луксузни кабинети и непродуктивна администрација.

„Државата треба да биде систем што функционира во служба на народот кој ја создал. Ни треба систем што работи, а не администрација што паразитира. Комунистичкиот модел ‘како досега’ претставува ментален и институционален синдром што ја убива одговорноста, индивидуалната иницијатива и конкурентноста. Десничарската логика е јасна и едноставна, помалку држава – повеќе ефикасност, помалку функционери – повеќе работа, помалку трошоци – повеќе инвестиции во народот. Секој министер кој не може да управува со поширок ресор, не треба да биде министер. Државната функција не е социјална установа за политичка комоција, туку организациски механизам што мора да произведува резултати“, велат од Македонски концепт.

Во таа насока, додаваат од партијата, Македонски Концепт ќе го претстави својот концептуален документ „Нов модел на десничарска влада“ и ќе му го предаде на премиерот Христијан Мицкоски и на коалициските партнери во рамки на коалицијата „Твоја Македонија“, како и на другите владини чинители.

„Со тоа, ќе се побара широка поддршка за длабока институционална и функционална реформа што ќе ја постави основата на модерна, рационална и отчетна влада – влада на одговорни луѓе во служба на народот“, велат од Македонски концепт .

INFO