Професорот на Машинскиот факултет и носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, Даме Димитровски, е новиот претседател на Советот на Град Скопје. Димитровски беше избран денеска, на првата конститутивна седница на Советот, на која се верификуваа мандатите на сите идни советници. За Димитровски гласаа 23 советници, а советничките групи од СДСМ и Левица најавија дека нема да дадат поддршка.

Димитровски по изборот истакна дека граѓаните очекуваат институција која ќе работи чесно и одговорно во интерес на граѓаните и најави дека ќе биде претседател на сите советници во Советот.
„Ќе бидам глас на разумот, посредник во дијалогот и гаранција дека Советот ќе ја врати довербата кај граѓаните“, рече Димитровски.
Тој најави дека Советот ќе се состане идната недела на итна седница на која ќе треба да се одлучува за ребаланс на буџетот.
Катерина Цаневска-Арсовска координатор на советничката група на СДСМ, истакна дека очекува новиот претседател на Советот да има соработка со сите советнички групи.
„Ние ќе ги прифатиме сите конструктивни предлози, но и нема да молчиме во ситуации кога ќе има предлози на штета на граѓаните“, рече Цаневска-Арсовска.