Организирале борби со кучиња во битолско, двајца фатени од куќен притвор, двајца избегале

Еден Грчки државјанин со „пит бул“ заедно со еден косовски државјанин со „американски стафорд“, и двајца македонски државјани биле фатени како организираат борби со кучиња во битолско и јавното обвинителство ги сомничи за кривично дело Убивање и мачење животнии. Полицијата на 1 ноември ги начекала како организираат борби со кучиња во дворот од семејната куќа на еден од обвинетите, а имало и домашна и странска публика. Но, според обвинителството, двајцата странски државјани избегале, а македонските државјани од претходно имале определена мерка куќен притвор, која сега обвинителството бара да им се продолжи.

Од таму додаваат дека како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата „пит бул”, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство Битола, тие ги прибрале сите потребни докази и поднеле обвинение, откако на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, четворицата осомничени заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.

„Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување“, соопшти обвинителството.

„Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња“, велат од обвинителството. Тие додаваат дека доставиле предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани. Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

INFO