ЕСЕ и МАГО со заедничка иницијатива за поправеден и транспарентен здравствен систем

Започнува имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ чија главна цел е градење транспарентен и одговорен здравствен систем кој одговара на потребите на сите граѓани, посебно на жените и маргинализираните групи.

Проектот, кој ќе трае 18 месеци, го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во партнерство со Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО. Преку активностите директно ќе бидат таргетирани 1.850 жени од маргинализираните групи, околу 700 здравствени работници, 30 претставници од надлежни јавни институции и 90 новинари, но и целокупната јавност.

Станува збор за национална иницијатива која се темели на три главни активности, обуки на здравствените работници за зајакнување на нивната улога во борбата против коруптивните практики, зголемување на свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и реформа на политиките и процесите во здравството.

„Корупцијата е еден од најсериозните проблеми во државата, а тоа посебно се одразува во здравството, имајќи ја предвид сензитивноста на овој сектор и неговата важност за секој граѓанин. Според истражување на Светската здравствена организација, 46 отсто од домаќинствата плаќаат од џеб за здравствените услуги иако јавните трошоци за здравство постојано се зголемуваат. Нашето истражување пак покажа дека 95 отсто од Ромките и жените од руралните средини плаќаат за примарни гинеколошки прегледи иако оваа услуга би требало да биде бесплатна. Овие бројки укажуваат дека е неопходно сите заедно како општество да работиме за искоренување на корупцијата во здравството“, вели Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ.

Д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО кажа дека здравствените работници не смеат да замижат пред фактот дека корупцијата е присутна во здравството.

„Сметам дека треба директно да се вклучиме во сите активности насочени кон препознавање и спречување на коруптивните дејства. На тој начин ќе ги заштитиме пациентите, но ќе се заштитиме и себеси и угледот на нашата професија. Сите жени треба да имаат еднаков пристап до редовни и квалитетни гинеколошки услуги и верувам дека преку работата на овој проект ќе ја постигнеме таа цел“, рече тој.

Со цел поширока национална застапеност на планираните активности, во имплементацијата се вклучени и граѓанските организации Мајка од Куманово, Станица П.Е.Т. од Прилеп, Женски форум од Тетово и Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе.

Имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е поддржана од Expertise France преку Француската агенција за развој.

Во новиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во делот кој се однесува на здравството, наведено е дека овој ресор останува меѓу најподложните сектори на корупција.

„Иако се воспоставени критериуми за цени на услуги и лекови, и се подобрени процедурите за лекување во странство, истрагите за злоупотреби во инвалидските осигурителни шеми продолжуваат. Брисел препорачува засилена дигитализација, подобра транспарентност и јакнење на интегритетот во здравствениот систем, како предуслови за поефикасна и пофер здравствена заштита“, стои во извештајот.

INFO