Расплакани „украински војници“ создадени со вештачка интелигенција

Клиповите се создадени со алатката „Сора“ – модел на вештачка интелигенција создаден од OpenAI. Меѓутоа, во видеото од младиот украински војник што плаче, водениот печат на „Сора“ не е видлив. Видеото се состои од два кратки клипа, едниот долг четири секунди, а другиот долг 10 секунди, намонтирани заедно. Тоа што клиповите се кратки е показател дека видеото е генерирано од вештачка интелигенција, бидејќи повеќето модели можат да произведат континуирани снимки само до 10 секунди, пишува „Вистиномер“

Во продолжение ви ја пренесуваме објавата во целост:

Расплакани млади момчиња во војничка униформа прикажани како „украински регрути“ ги поплавија социјалните мрежи ширум светот. Нивните лица се очајни, изгледаат исплашени, исполнети со паника. Виралните видеоматеријали наводно прикажуваат млади украински регрути додека патуваат во воено возило кон бојното поле.

„Не сакам да умрам!“, „23-годишник плаче додека патува кон фронтот“ – пишува во описот на видеата, кои имаат десетици илјади прегледи.

Но, ова е само нова дезинформациска кампања креирана со вештачка интелигенција. Лажните профили на социјалните мрежи ги споделуваат овие вирални видеоматеријали со превод на различни јазици.  Клиповите се со цел да презентираат „присилна мобилизација“ во Украина на момчиња од 22 и 23 години, иако повнимателна и длабинска анализа покажува дека визуелните неправилности во видеото се резултат на вештачката интелигенција. Конкретно, тоа се погрешно наместената кацига којашто не одговара на стандардите на украинската воена опрема, немањето име на униформата, погрешниот изговор на местото „Часив Јар“ типично за „гласовите“ на вештачката интелигенција.

Целта е да се разниша моралот на Украинците и кај нивните поддржувачи, со прикажување на наводно млади, исплашени или измачени „принудени“ војници. Кога луѓето ќе потпаднат на влијанието на овие реалистични, но лажни видеа, тогаш почнуваат да се сомневаат во сè, па така вистината станува потешкa за препознавање. Фактот што видеата се презентирани на меѓународни платформи на повеќе јазици, покажува дека тие всушност имаат таргет од повеќе различни западни средини – да ја намалат поддршката кон Украина во западните држави каде се пласирани овие видеа, за да ги измамат емоциите на граѓаните и да ги сожалат војниците како присилно регрутирани. На таков начин кај нив се цели да се создаде когнитивна дисонанција, поточно да се јави недоверба во одлуките на западните влади да го поддржат правото на Украина на самоодбрана.

Според изјава на Центарот за борба против дезинформации (тело поврзано со Украинската национална безбедност и безбедносниот совет на Украина), ликот од видеото припаѓа на руски државјанин, а не на украински. Се работи за лицето на Владимир Јеревич Иванов од Санкт Петербург, кој го користи онлајн псевдонимот Kussia88.

АИ видеото со Иванов најнапред било објавено на Тик-Ток канал кој сега е избришан – @fantomoko заедно со десетина други такви видеа креирани со вештачка интелигенција од „војници на Украина што плачат во воени возила“.

Како што објави „Еуроњуз“ возраста за мобилизација во Украина е меѓу 25 и 60 години, а не 23 како што се тврди во генерираниот со вештачка интелигенција клип.

Најниската возраст беше намалена од 27 на 25 години во април минатата година за да се придвижи во нагорна линија бројот на трупи среде руската целосна инвазија. Оние на возраст под 25 години, на каква што се тврди дека е момчето од видеото, можат да се пријават само доброволно, пишува Еуроњуз.

Клиповите се создадени со алатката „Сора“ – модел на вештачка интелигенција создаден од OpenAI. Меѓутоа, во видеото од младиот украински војник што плаче, водениот печат на „Сора“ не е видлив. Видеото се состои од два кратки клипа, едниот долг четири секунди, а другиот долг 10 секунди, измонтирани заедно. Тоа што клиповите се кратки е показател дека видеото е генерирано од вештачка интелигенција, бидејќи повеќето модели можат да произведат континуирани снимки само до 10 секунди.

Додека војната со дезинформации останува на фронтот на социјалните мрежи, станува сè потешко да се препознаат ваквите лажни видеа создадени со вештачка интелигенција  — и сè полесно ќе станува да се поверува во нив.

Пишува: Мирослава Симоновска

INFO