Лаура Јаспер за заканите од ВИ: Не се само лажни вести, туку персонализирана политичка војна

Природата на странското мешање се менува на фундаментално ниво. Лаура Јаспер, водечки експерт за манипулации со информации и странско мешање (FIMI) од Хашкиот центар за стратешки студии (HCSS), во интервју за Antidisinfo.net изјавува дека најголемата стратешка закана што ја создава генеративната вештачка интелигенција е невидена брзина, обем и персонализација на дезинформациските кампањи. Таа потенцира дека припишувањето на комплексни напади денес е прашање на веројатност, а не на сигурност, поради тоа што противниците користат посредници и комерцијални алатки. Во Европа и Индо-Пацификот, непријателски актери ја искористуваат заедничката ранливост: големата зависност од комерцијални платформи во комбинација со длабоки фрактури во општествената доверба. Исто така, Џаспер открива дека, за да се измери успехот, аналитичарите мора да преминат од следење на јавното мислење кон проверка на резултатите од однесувањето во реалниот свет, што е крајната цел на дезинформациите

Како генеративната вештачка интелигенција (ВИ) суштински го менува начинот на дејствување на странските актери? Со едноставни зборови, кој е најголемиот нов стратешки ризик што ВИ моментално го создава за нашите демократии?

Поедноставено кажано, генеративната ВИ создава предизвици во следниве аспекти: 1) брзината со која се шират дезинформациите, 2) обемот на нивното распространување и 3) можноста за „персонализација“ на пораките. Ова значи дека станува полесно пораките да се приспособуваат во голем обем за различни целни групи.

Кога се анализира една дезинформациска кампања, колку е тешко со сигурност да се каже: „Оваа земја или група стои зад тоа“? Кои уникатни информации или податоци им се потребни на аналитичарите за со доверба да ја припишат одговорноста за сложен напад?

Лаура Јаспер водечки експерт за манипулации со информации и странско мешање (FIMI) Фото: Antidisinfo.net

Прашањето на припишување одговорност почесто е прашање на веројатност, отколку што е бинарна/ јасна одлука. Затоа велиме „веројатно е дека“, наместо да тврдиме со 100% сигурност дека одреден актер ја носи одговорноста. Ова е така бидејќи противниците сè повеќе користат посредници, лажни знамиња и комерцијални алатки (вклучително и генеративна ВИ). За аналитичарите е многу поизводливо и пофункционално да доделуваат нивоа на доверба (на пример: ниско/средно/високо), наместо апсолутна сигурност. Не постои една конкретна алатка или информација што магично ќе го олесни процесот на припишување одговорност. Доделувањето на веројатности, јасното комуницирање на тие нивоа на доверба и објавувањето на основата на доказите што аналитичарите ги собираат е начин да се зачува кредибилитетот и истовремено да се надградува нашата база на знаење преку споделување со други страни.

Хашкиот центар за стратешки студии го проучува FIMI низ целиот свет. Која е заедничката најопасна ранливост што ја гледате и во Европа и во Индо-Пацификот, а која непријателските актери моментално ја експлоатираат во своите информативни кампањи? 

Во врска со ова прашање, неодамна ги објавивме овие две студии кои може да ги погледнете.

Во овие студии истакнуваме дека главните заеднички ранливости се: високата зависност од комерцијални платформи во комбинација со фрактури во општествената доверба (поларизација, ниска институционална доверба). Овие фактори се искористуваат на сличен начин во двата регионa. Најопасниот аспект е токму искористувањето и засилувањето на постоечките фрактури во општествената доверба од страна на непријателски актери.

Дезинформациите имаат за цел да го променат однесувањето, а не само мислењето. Како може да се измери дали една странска кампања е успешна во реалниот свет? Кои податоци им покажуваат на аналитичарите дека едно општество е навистина отпорно?

Однесувањето е поттикнато од мислењата. На пример, некој може да го промени своето мислење, но таа промена не станува видлива сè додека не се промени и неговото однесување, кога лицето ќе гласа поинаку или ќе го изрази своето мислење на физички, материјален начин. Затоа, како аналитичари, ние ги следиме промените во однесувањето, бидејќи тие се видливи, може да се евидентираат и со тоа да се измери влијанието.

Прашањето всушност бара два различни вида мерења: 1) влијанието на FIMI кампањите, и 2) способноста на едно општество да се справи со тие кампањи.

За двата аспекта постојат неколку важни фактори што треба да се земат предвид. Ќе објаснам преку пример: вистинската цел на дезинформациите е да го променат однесувањето, па аналитичарите најпрво мора да ја дефинираат специфичната крајна состојба на однесување што сакаат да ја измерaт — на пример, намалена излезност на избори или зголемено учество во протести. Мерењето на успехот потоа бара јасни основни податоци и контрафакти за да се утврди дали однесувањето всушност се променило по кампањата. Аналитичарите комбинираат квантитативни податоци (анкети, податоци за мобилност, трансакции или учество) со квалитативни увидувања (интервјуа, фокус-групи) за да ги поврзат набљудуваните дејствија со изложеноста. Вистинската отпорност се појавува кога општествата брзо се опоравуваат од обидот за манипулација — кога планираните однесувања не се материјализираат или не се враќаат брзо. Накратко, ефективното мерење започнува со крајната цел: дефинирање, следење и потврдување на забележливи промени во однесувањето, а не само во мислењата. Овој одговор е главно заснован врз една студија што ја спроведовме пред извесно време.

Новинарката Елида Зулбеари и Лаура Јаспер за време на интервјуто Фото: Antidisinfo.net

Кога странското влијание се наоѓа во „сива зона“ — односно е штетно, но не строго незаконско — кој е најефективниот, незаконски стратешки инструмент што владите треба да го искористат за да му се спротивстават?

Би препорачала да не се користи изразот „незаконско“, бидејќи тоа сугерира дејствување надвор од законската рамка. Поради тоа, не би можелa да одговорам на прашањето доколку тоа подразбира советување за активности надвор од законот.

Општо земено, сметам дека овие инструменти, како и одговорноста не треба да се остават само на највисокото ниво на власт. Силата лежи во вклучувањето на повеќе локални актери, па дури и преку границите, со цел градење доверба во општествата. Под „локални актери“ мислам на  градители на заедници, истражувачки новинари итн. Затоа верувам дека одговорот не треба да доаѓа само „одозгора надолу“ од страна на владите, туку да се спроведува на подетално, општествено ниво.

Пишува: Елида Зулбеари

INFO