Членовите на интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции, по доставени пријави од граѓани и од здравствени институции, утврдиле дека се непотребно извршени операции или непотребно упатени на операции, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу, заедно со членовите на комисијата составена од доктори. До комисијата стасале 25 пријави за вакви и слични случаи, од кои 6 се испратени до СДржавниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ), а 19 биле анализирани од комисијата. Членовите на комисијата кажаа дека во оваа фаза, нема да откријат за кои пациенти и за кои здравствени установи се работи, а со анализата се опфатени сите здравствени институции кои се бават со кардиоваскуларна патологија, ширум Македонија.
„Се водевме од начелото на транспарентност и отчетност, затоа презедовме мерки за да ги утврдиме состојбите. Комисијата испорача објективни резултати врз основа на научно и независно спроведен процес. Се работи за пациенти кои биле упатени на операција или биле оперирани. До комисијата беа доставени 25 случаи, за 6 се надлежни во ДЗСИ, а од 19-те анализирани, за 10 од нив комисијата утврдила дека пациентите биле непотребно оперирани или непотребно упатени на операции“, рече Алиу.
Д-р Жарко Христовски, претседавачот на оваа комисија, кажа дека членовите постапувале на основа на достапната медицинска документација и по пријави доставени лично од пациенти до ФЗО и по пријави доставени од медицински установи и Министерството за здравство.
„За еден дел од случаите, во оваа фаза анализиравме пациенти кои имаат васкуларна болест, независно дали кардијална или периферна васкуларна болест. Со резултатите од оваа наша првична анализа ќе настапиме заедно со меѓународна комисија во дополнителна анализа на овие случаи за кои утврдивме проблематична индикација или евентуано проблем во поставување индикации или поставување стратегија за лекување. Во втората фаза ќе влеземе во институциите и ќе направиме анализа на одреден број случаи околу стратегијата на лекување. Понатаму, ова треба да донесе заклучоци за подобрување на третманот на овие пациенти. Кај 10 случаи најдовме преекстензивна поставена индикација и тие ќе бидат предмет за обработка на понатамошната наша работа. Очекуваме формирање на меѓународна комисија и со анализа ќе донесеме дефинитивни заклучоци“, соопшти д-р Христовски.
Неговата колешка Ненси Лозанче кажа дека од досегашните пријавени случаи заклучиле дека за поголем број од нив, имало неправилно упатени пациенти на операција инеправилно оперирани пациенти.
„Понатаму, комисијата ќе продолжи со утврдената методологија за работа“, кажа таа.
Министерот Алиу кажа дека во втората фаза ќе има заедничка работа, односно ќе се работи со тројца експерти од странство и по завршвање на анализите, ќе има повеќе информации и конечен извештај, кој ќе биде, како што рече, патоказ за понатамошните политики во здравствениот систем.
На новинарско прашање за кои институции се работи, одговорните кажаа дека обелоденувањето на институции и состојбата на пациенти ќе следи после комплетната анализа на целата медицинска документација.
„На крајот ќе се види дали случаите ќе се пријават во Јавното обвинителство, во Министерството за здравство. Овде не се работи само за финансиски средства, колку пари биле потрошени за операциите, туку се работи за човечки животи и затоа ќе бидеме внимателни во пласирањето информации, меѓудругото и поради етичкиот аспект“, рече д-р Христовски.