Камерите започнуваат да снимаат сообраќајни прекршоци, од идната година ќе се казнува брзото возење

Министерството за внатрешни работи започнува со реализација на проектот „Безбеден град“ во кој камерите на „Сејф сити“, поставени на сообраќајниците ќе снимаат сообраќајни прекршоци што ги направиле граѓаните. Системот автоматски ќе ги регистрира прекршоците, по што ќе испраќа информација до прекршителот. До крајот на годината ќе биде пробниот период во кој прекршителите ќе добиваат само опомени, а од почетокот на идната година ќе стартува и казнувањето.

Со камерите ќе се евидентира брзо возење, минување на жолто или црвено светло, погрешно престројување, но и изминат рок на важност на сообраќајната дозвола и непрописно паркирани возила.

Во следната фаза од проектот планирано е и проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пред неколку месеци информираше дека проектот најпрво пробно ќе започне во Скопје и уште два града, а од идната година ќе функционира во целата држава.

INFO