
Во сенката на локалните избори во октомври 2025 година, Македонија, како пред секој изборен циклус, се соочи со феномен кој е многу поопасен од вообичаената политичка реторика. Тримесечниот мониторинг на онлајн просторот, спроведен во периодот од јули до септември 2025 година, открива вознемирувачка слика на општество кое тоне во дигитални ровови. Она што на површина изгледаат како спорадични инциденти на социјалните мрежи, всушност претставува прецизно синхронизирана машинерија на дезинформации и штетни наративи кои имаат една цел: да го претворат етничкиот идентитет во единствена политичка валута, по цена на целосната дестабилизација на општествената доверба.
Анализата на стотици вирални содржини покажува дека многу мал дел од информацискиот простор на македонската и албанската заедница се поклопува. Наместо дијалог, се чини дека сме сведоци на два паралелни монолози потопени во омраза, каде секоја страна себеси се гледа како жртва, а другиот како закана. Овие наративи не остануваат затворени во дигиталниот свет и директно се прелеваат на спортските терени, во училишните дворови, градските автобуси, но и на улиците, во маалските средини.
Митот за „Опсада“ за креирање страв кај Македонците
Во македонскиот дигитален екосистем, еден од доминантните наративи кои се провлекуваа низ месеците е стравот од губење на државата и суверенитетот. Албанците често се прикажуваат не само како сограѓани кои имаат поинакви политички ставови, туку и како „освојувачи“ кои активно работат на уништување на македонскиот идентитет.
Овој наратив доби експлозивни димензии во јули, преку инцидентот со навивачката група „Балисти“ на фудбалскиот клуб Шкендија. Она што во суштина беше полноќен марш на навивачи пред натпревар, преку сензационалистичко известување беше врамено како воена операција. Босанскиот онлајн медиум SportSport.ba, а подоцна и македонските онлајн медиуми, пренесоа еден екстремен коментар од социјалните мрежи: „Крајот доаѓа за Славо-Македонците, Етничка Албанија, нема друга“ и го поставија во насловите како да е официјален проглас на навивачката група. Ваквата манипулација, каде маргиналниот глас на екстремист се претставува како колективен став на цела етничка група, успешно го активираше наративот за „инвазија“ врз Скопје и ја зацврсти перцепцијата за „Албанците како агресори“ кои сакаат доминација .
Овој страв се одржува и преку наративот за „привилегираниот Албанец“ кој е над законот. Во август, една сатирична објава на Фејсбук страницата „Мисија“, која тврдеше дека „квадрат во Арачиново треба да е 4000 евра бидејќи купуваш еднаш и немаш никакви трошоци до крај на живот“, стана вирална . Иако хумористична на прв поглед, оваа објава длабоко резонираше со нетрпеливост кај некои Македонци, потхранувајќи го стереотипот за Албанците како граѓани кои не ги почитуваат законите, не плаќаат струја и ги злоупотребуваат државните ресурси на штета на мнозинството. Сличен ефект имаше и реакцијата на судските одлуки за убиство, каде Инстаграм профилот „Боемот“ промовираше теза дека судството има двојни аршини: ако сторителот е Албанец, тој пие кафе дома, а ако е Македонец, веднаш оди во притвор.
Наративот за „Вечна жртва“ за мобилизација на Албанците
Од другата страна на етничката поделба, албанската онлајн сфера е доминирана од наративот за системска дискриминација и државен прогон. Секоја постапка на институциите се толкува не како административна или правна мерка, туку како доказ за организиран план за де-албанизација на државата.
Овој наратив беше силно експлоатиран од политичката партија ДУИ во јули, која обвини за „етничко чистење“ во институциите откако во Министерството за одбрана беа вработени 25 Македонци и само еден Албанец. Иако вработувањата се законска категорија, медиумите на албански јазик го врамија ова како „систематски план за исклучување на Албанците“ и градење на моноетничка држава, што предизвика лавина од гневни коментари и чувство на колективна загрозеност.
Ова чувство на несигурност лесно се манипулира преку дезинформации. Во септември, социјалните мрежи беа преплавени со вест дека на албански лекар на Детската клиника во Скопје му било забрането да зборува на албански јазик. Иако оваа информација беше лажна и немаше никаква официјална потврда, таа беше прифатена како апсолутна вистина бидејќи совршено се вклопуваше во веќе изградениот наратив за угнетување. Коментарите експлодираа со тврдења дека „нема институција во Северна Македонија каде можеш да зборуваш албански“, дополнително продлабочувајќи ја недовербата кон државниот апарат.
Физичката безбедност е уште една клучна тема. Инцидентот во Битола од август, кога момче беше нападнато поради маица со двоглав орел, ја разбуди напнатоста меѓу заедниците. Од една страна, политичките актери и дел од јавноста го прикажаа овој настан како пример на општество во кое Албанците се третираат како граѓани од втор ред, а нивните национални симболи се гледаат како закана, што доведе до опасни повици за „самоодбрана“ и одмазда. Од другата страна, навивачката група која стои зад нападот тврди дека инцидентот нема меѓуетнички мотив и дека симболот на маицата бил длабока провокација за нив, поврзана со историски и локални чувства на припадност и гордост. Овој судир на перспективи ја покажува комплексноста на темата и ризикот од ескалација на насилство доколку не се адресираат двете страни.
Феноменот на „двојни стандарди“
Најопасниот аспект на овие наративи е што двете заедници го користат истиот аргумент за да ја оправдаат својата радикализација или т.н. аргумент на „двојни стандарди“.
Кога во август се случи инцидентот на кошаркарскиот натпревар во Куманово, каде се слушаа анти-албански скандирања, реакцијата на социјалните мрежи беше моментална поларизација. Албанските корисници на ТикТок споделуваа видеа со коментари за „враќање на гасните комори“, обвинувајќи го државниот врв дека ужива во страдањето на Албанците. Истовремено, македонската онлајн заедница реагираше дефанзивно, тврдејќи дека македонските навивачи се неправедно казнети, додека сличните испади на албанските навивачи („Голема Албанија“, „Илирида“) поминуваат неказнето. Ова меѓусебно обвинување дека „другите смеат сè, а ние ништо“ создава маѓепсан круг каде секој нов инцидент не е повод за осуда на насилството, туку повод за пребројување на „нашите“ и „вашите“ гревови.
Врвот на дехуманизацијата се случи по инцидентот на младинскиот фудбалски натпревар во Штип, каде родители физички нападнаа деца. Наместо осуда на насилството врз малолетници, коментарите на Фејсбук ги нарекуваа Албанците „диво племе“ и „Качаци“, повикувајќи на примена на „бугарски тактики“ за протерување. Од друга страна, албанските коментатори ја споредуваа ситуацијата со Косово пред војната, тврдејќи дека Македонците намерно режираат инциденти. Кога децата стануваат цел на етничка омраза, јасно е дека општественото ткиво е пред кинење.
Од „проверка на факти“ кон „проверка на реалноста“
Како да се излезе од овој лавиринт на омраза? Самата проверка и разоткривање на дезинформациите и штетните наративи веќе не е доволна. Тоа е затоа што едноставно емоциите се посилни од фактите. Исто така, разоткривањето, колку и да звучи апсурдно, може да им користи на одредени пред сè политички ангажирани опции, внатрешни и надворешни. Поефикасно решение е проактивната употреба на обединувачки наративи кои ќе ја деконструираат логиката на поделби. Но, за тоа да се случи не се потребни само напорите на граѓанските организации, туку и конкретен ангажман и на политичките фактори, кои очигледно доминираат во сите дискурси во општеството. Можеби најпотребни се лидери кои ќе го почнат патот, ќе се свртат напред и со иднината ќе се фокусираат на заедничката историја, без предрасуди и комплекси.
Првиот чекор, секако, е промена на фокусот од етнички кон граѓански наратив. Наспроти наративот дека „Албанците не плаќаат струја“, новинарските приказни треба да подигнат свесност дека привилегиите во оваа држава немаат етнички предзнак, туку можеби пред сè, партиски и финансиски. Корупцијата и неказнивоста се заеднички непријател; дупките во законот ги користат моќници од сите националности додека сиромаштијата подеднакво ги засега и Македонците во Битола и Албанците во Арачиново.
Втор можен контра-наратив треба да се насочи кон заедничките животни проблеми. Додека политичарите како Али Ахмети и Христијан Мицкоски разменуваат алегории за „орли“ и „ловечки кучиња“, граѓаните дишат ист загаден воздух. Анализите можеби е подобро да потсетат дека ниту споменикот на Ќосето, ниту скандирањето за „Голема Албанија“ нема да го подобрат очајниот квалитет на здравството или образованието.
Вистинската поделба не е помеѓу оние што се прекрстуваат и оние што се поклонуваат, туку помеѓу оние што имаат пристап до квалитетни јавни услуги и оние што се оставени на маргините.