Протесното движење „Кој е следен?“ ќе присуствува на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот што Собранието ја закажа за 9 декември 2025 година. Единствена точка на дневниот ред ќе биде претставката поднесена од здружението на родителите од Кочани „16-ти Март“, со која тие бараат утврдување политичка одговорност и измени на законските решенија со цел да се спречат идни трагедии од ваков тип.
Во пресрет на седницата, движењето „Кој е следен?“ најави дека во сабота, 6 декември, во 18 часот ќе одржи јавен онлајн состанок.
„Во ова излагање сакаме да вклучиме ставови и барања од што е можно повеќе луѓе и да бидеме гласноговорници на народот во Македонија кој упорно е занемарен, игнориран и изманипулиран од институциите што треба да го претставуваат. Сите добиени предлози и забелешки ќе бидат систематизирани и презентирани пред пратениците и сите присутни на седницата,“ велат од Кој е следен.
Според движењето, потребно е целиот процес да биде транспарентен, инклузивен и фокусиран на утврдување на политичката одговорност, како и на унапредување на механизмите за заштита на граѓанските права.
„Гласот на сите нас мора да има свое место во институционалните процеси, особено кога станува збор за прашања поврзани со безбедностз, политичката одговорност и работата на надлежните органи. Наше е да се погрижиме секое релевантно мислење да биде слушнато и точно пренесено“, порачаа од движењето.