Градот Скопје апелира граѓаните да ги исчистат оџаците и да не горат пластика и гуми

Граѓаните да ги исчистат оџаците и да ги одржуваат печките, а за затоплување да не се користат отпад, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, пластика, гуми или каков бил синтетички материјал, туку суво и чисто дрво без земја и отпадоци, апелираат од Градот Скопје.
Од таму велат дека инспекторите за животна средина во следниот период, кога во пресрет на зимската грејна сезона се очекува зголемено загадување на воздухот, ќе прават засилени инспекциски контроли на сите постројки кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи.
Градските власти посочуваат дека инспекторите особено внимание ќе посветат на откривање и спречување на спалувањето отпад на отворено.
„Секторот за заштита на животната средина, согласно со акционите планови за воздух предлага граѓаните редовно да ги чистат оџаците од домовите и да ги одржуваат грејните тела, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, масло, лакирано дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми, да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци,  печките на дрво да се користат и одржуваат, а на котлите, печките и клима уредите да се прави редовен сервис за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи“, апелираат од Градот Скопје.
INFO