Кривична пријава против поранешен градоначалник на Струмица и уште пет лица за злоупотреба на постапка за јавна набавка за електрични автобуси во општина Струмица

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против шест лица поради сомнежи за злоупотреби во постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“.

Пријавениот К.К.(35), поранешен градоначалник на Струмица, се сомничи за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, бидејќи во постапката ангажирал лице без соодветни квалификации, односно Г.П.(58) од Скопје, кому му недостасувала лиценца А за надзор во електротехника, но сепак бил назначен за одговорен за технички прашања, техничка евалуација, надзор и реализација на договорот.

„Исто така, пријавениот К.К. свесно ги повредил и прописите на постапката за јавна набавка преку договарање со Г.П. на тој начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои недвосмислено и речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси“ велат од СВР Струмица.

Кривична пријава е поднесена и против Д.П.С.(61), директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“, кој се сомничи за „несовесно работење во службата“ бидејќи не извршил должен надзор врз постапката и на 12.03.2024 го потпишал договорот за набавка на 10 електрични автобуси преку лизинг, иако во процесот учествувало лице без потребните квалификации.

За истото кривично дело се товари К.Б.(37) од Богданци како претседателка на комисијата за јавни набавки, како и Л.Ј.(63) од Ново Село и Л.Ѓ.(62) од Струмица како членови. Тие го назначиле Г.П. како одговорен за следење на реализацијата, иако тој бил носител само на лиценца Б и не ги исполнувал условите да одговара на технички прашања, да учествува во евалуацијата или да врши надзор над реализацијата на договорот.

Со наведените дејствија биле набавени 10 електрични автобуси во вредност од 429.933.595 денари, при што, според полицијата, е причинета материјална штета од поголеми размери. Дополнително, со отсуството на стручно квалификуван надзор, биле доведени во прашање реалната вредност, квалитетот, безбедноста и техничката исправност на набавените автобуси.

INFO