Граѓанскиот сектор треба да е вклучен во процесите на донесување одлуки во РСМ

Просторот за дејствување на граѓанското општество во Северна Македонија значително е стеснет во текот на изминатата година, и покрај, генерално поволната средина. Ова, меѓу другото, го кажа Европската комисија во последниот Извештај. Иако невладините организации инсистираат дека улогата на граѓанското општество треба да биде како рамноправен партнер на владата, а не само како декор или набљудувач, од друга страна, Владата се фали со формирањето на Советот за соработка со граѓанското општество, пишува Порталб.мк. Граѓанскиот сектор смета дека во Северна Македонија формално постојат голем број механизми за учество на граѓаните во процесите на креирање политики, но нивното спроведување во пракса е ограничено и често зависи од политичката волја.

Мила Јосифовска Даниловска од Фондацијата Метаморфозис вели дека во земјата има простор за вклучување, но тој не е ниту доволно загарантиран, ниту целосно искористен.

Мила Јосифовска Даниловска,
фото: Ванчо Џамбаски

„Она што го сметаме за главен предизвик е фактот што голем дел од институциите сè уште го гледаат граѓанскиот сектор како консултативен декор, а не како рамноправен партнер во градењето одржливи политики во корист на граѓаните. Консултациите не секогаш се спроведуваат на време и често се прават без доволна содржина и без јасна цел за интегрирање на дадените предлози“, вели Јосифовска Даниловска.

Таа потсетува дека е потребно да се работи на воспоставување предвидливи временски рокови што овозможуваат рано вклучување во креирањето на политиките, зајакнување на механизмите за отчетност, при што јавно би се разјаснило кои коментари се прифатени или одбиени и од која причина, како и зголемување на употребата на постојните дигитални алатки за учество, како што е ENER, преку нивна модернизација и промоција. „Граѓанското општество бара фер, предвидливи и структурирани можности за да придонесе кон креирање ефикасни јавни политики што во центар ги ставаат интересите на граѓаните, и затоа е важно институциите да ја препознаат нивната вредност“ – заклучи Јосифовска Даниловска.

Пранвера Касами, извршен директор на Институтот за лидерство и јавни политики, за Порталб.мк нагласи дека и покрај формалното реактивирање на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, целокупните околности за организациите на граѓанското општество остануваат далеку од целосно поволни.

Пранвера Касами. Фото: Фисник Џелили

„Недостатокот на редовни и значајни консултативни процеси со граѓанското општество станува сè поочигледен. Клучните политички одлуки продолжуваат да се донесуваат без претходен дијалог или транспарентност. Ваквите еднострани дејствија ја продлабочуваат неизвесноста во граѓанскиот сектор и создаваат атмосфера на институционална „магла“, каде што организациите остануваат несигурни во врска со идните приоритети, рамките за финансирање или целите на владата. Граѓанското општество останува посветено на придонесот кон развојот на јавните политики и отчетноста. Она што е потребно сега е вистинска, структурирана и континуирана посветеност од страна на владата, со што ќе се обезбеди граѓанските организации да не бидат само набљудувачи, туку активни учесници во обликувањето на реформската агенда на земјата“, вели Касами.

Според Касами, владата треба да преземе јасни и доследни чекори кон институционализирање на дијалогот со граѓанското општество.

„Тоа значи: почитување на европските практики за консултација, гарантирање на транспарентност при донесувањето одлуки, зајакнување на партнерството со граѓанскиот сектор и негово вклучување во сите приоритетни реформи. Само преку таков отворен и колаборативен пристап можеме да создадеме поквалитетни политики и подемократско општество, ориентирано кон европските вредности“, заклучи Касами.

Од друга страна, Владата на Република Северна Македонија ветува дека активно ќе работи на зголемување на вклученоста на граѓанското општество во процесите на креирање политики. Во нивниот одговор за Порталб.мк, во врска со оценките на Брисел, од секторот за информирање на владата ги нагласуваат добрите зборови од Извештајот.

„Важно е да се напомене дека извештајот на Европската комисија позитивно го оцени формирањето на Советот за соработка со граѓанското општество, кој обезбедува континуиран и структуриран дијалог меѓу Владата и граѓанскиот сектор. Исто така, на 90-тата седница на Владата, одржана на 8.07.2025 година, беше усвоена Владината стратегија за соработка со и развој на граѓанското општество, заедно со Акцискиот план 2025-2028 година. Стратегијата беше подготвена преку транспарентен и инклузивен процес, со учество на претставници на граѓанските организации во работната група, консултации преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), како и две јавни дебати одржани на 23.5.2025 и 13.6.2025 година. Понатаму, Стратегијата доби позитивно мислење од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, потврдено на неговиот трет состанок, одржан на 18.6.2025 година“, велат од Владата.

Владата, се наведува понатаму во нивниот одговор, гради соработка со организациите на граѓанското општество врз принципите на инклузивност, правна сигурност и транспарентност.

„Владата е посветена оваа соработка да не биде само формална, туку и суштинска. Во минатото, овој процес често се сведуваше на реторика и протоколарни консултации, додека денес партнерството е вистинско и суштинско. Според владината програма, еднаш годишно се организира Годишната конференција на граѓанските организации, каде претставниците на организациите ќе ги презентираат резултатите од нивната работа, како и заедничките активности со владините институции, во вид на граѓански саем. Оваа активност веќе беше одржана минатата година, а се очекува да се одржи повторно и оваа година. Со овие мерки и активности, Владата обезбедува вистинско и неформално вклучување на граѓанското општество како партнер во креирањето на јавните политики и стратешките приоритети на државата“, велат од Владата.

Потсетуваме дека извештајот на ЕУ ја повикува Владата на Северна Македонија да ги зголеми напорите за активно вклучување на граѓанското општество во сите приоритетни области и процеси на јавни консултации. Исто така, потребно е усвојување на законски и финансиски измени што ќе гарантираат одржлив и транспарентен систем на јавно финансирање за невладините организации, кој сè уште не е реализиран. Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025 година и другите земји кои се стремат кон ЕУ беше објавен на 4 ноември.

INFO