Мицкоски: Нема да има кампови за мигранти

Четири дена откако се појави првата вест во британските медиуми дека Владата е во формални преговори со Велика Британија да прифати мигранти на кои таму ќе им биде одбиено барањето за азил, премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше на, како што ги нарече, „гимнастиките“ на опозицијата оценувајќи дека станува збор за „измислена тема“ со цел да се создаде политички хаос.

„Ги гледам овие салта и гимнастики кои ги прави опозицијата на отворена сцена. Не е вистина дека ќе има мигрантски кампови. Во отсуство на било каква идеја која може да придонесе за општествениот живот, опозицијата се фаќа за тема која природно припаѓа на политиката на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.

Тој инсистираше дека ќе продолжи „жестоко да се спротивставува“ на сите шпекулации за отворање мигрантски кампови и дека нашите граници ќе бидат целосно мониторирани за да нема илегална миграција и шверц.

„Ги отфрлам овие шпекулации дека ќе правиме кампови за мигранти,“ изјави тој.

Сепак, Мицкоски нагласи дека Владата никогаш не разговарала за идејата, која се појави во странски медиуми, неуспешни баратели на азил од Британија да се испраќаат во трети земји, меѓу кои и Македонија.

„Таква тема не е разговарана, а ако е, ќе биде одбиена. Додека сум јас премиер, нема да има ниту еден шатор со илегални мигранти. Ние ја зајакнуваме борбата против илегалната миграција“, додаде тој.

Информациите за евентуално испраќање британски баратели на азил во Северна Македонија првично ги објави британски „Тајм“ на 5 декември, по што беа пренесени и од други медиуми.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска најави дека ќе организира граѓанска иницијатива, која ќе вклучува онлајн петиција против, како што наведе претседателот Венко Филипче, опасните и штетни политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со можен прием на мигранти во земјата. Според лидерот на опозицијата, станува збор за „антидржавно и антинационално однесување“ на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче е против мигранти од Велика Британија, најави онлајн петиција

INFO