
Покрај финансиските бариери, Македонија се соочува и со сериозни структурни предизвици – опаѓање на стапките на имунизација кај децата, намалување на очекуваното траење на животот поради пандемијата, висок товар од незаразни болести, висока преваленца на пушење, како и иселување и стареење на здравствените работници. Овие фактори дополнително го усложнуваат обезбедувањето правична, достапна и квалитетна здравствена заштита за сите граѓани.
Ова е наведено во објавата на Институтот за јавнво здравје (ИЈЗ), по повод Светскиот ден на универзална здравствена покриеност, кога се дава значење на тешкиот товар и сериозните последици што ги носат недостапните и премногу високите трошоци за здравствени услуги, како за поединците, така и за заедниците.
„Здравствениот систем во Македонија обезбедува релативно сеопфатен основен пакет услуги, а задолжителното здравствено осигурување опфаќа повеќе од 90% од населението. Ова е значајна основа за постигнување напредок кон универзална здравствена покриеност. Иако голем дел од услугите на примарно ниво се бесплатни, партиципациите за специјалистички прегледи, болничко лекување и лекови претставуваат бариера за пристап кон здравствените услуги. Во последната деценија се забележува намалување на незадоволените здравствени потреби поради финансиски причини, но тие и понатаму се високи кај лица со ниски приходи“, велат во ИЈЗ.
Истовремено, како што се додава во објавата, информацискиот систем „Мој Термин“ во голема мера ја подобрил ефикасноста на закажувањето на прегледи и дијагностички услуги, но сепак неговата улога во примарната здравствена заштита може дополнително да се зајакне за да се обезбедат поголема достапност и континуитет на грижата.
На светско ниво, и покрај бројните политички заложби и меѓународни декларации за постигнување универзална здравствена покриеност до 2030 година, реалноста е загрижувачка: повеќе од половина од светското население сè уште нема пристап до основни здравствени услуги.
„Едно од четири лица се соочува со финансиски потешкотии при плаќање здравствени услуги од сопствен џеб, што често значи избор меѓу здравјето и другите основни потреби како храна, домување или образование. Универзалната здравствена покриеност не е само здравствена политика, таа е предуслов за одржлив развој и општествена стабилност. Општествата со поздрави граѓани се поотпорни на кризи, попродуктивни и поуспешни. Кога луѓето го избегнуваат или одложуваат користењето на здравствената заштита поради високите трошоци, тоа води кон влошување на здравјето, зголемен товар од болести и долгорочни економски последици за семејствата и заедниците“, се додава во објавата на ИЈЗ.
Светската здравствена организација (СЗО) повикува на итно дејствување – јакнење на мерките за финансиска заштита, намалување и постепено елиминирање на директните плаќања за здравствени услуги и обезбедување правичен пристап за најранливите категории: лицата со ниски приходи, хронични заболувања, како и лицата што се соочуваат со различни форми на социјална ранливост.
„Денот на универзална здравствена покриеност е глобална мобилизациска точка што ги потсетува владите дека декларациите мора да се претворат во реални политики, мерки и инвестиции. Овогодинешниот слоган „Високи здравствени трошоци? Доста е!“ ја отсликува растечката загриженост и незадоволство кај луѓето ширум светот кои се соочуваат со ваквите предизвици. За милиони семејства ова е секојдневие која ја продлабочува сиромаштијата и ги зголемува социјалните нееднаквости“, се вели во соопштението.