Таа во интервју за Deutschlandfunk вели дека треба да се отворат преговори за три поглавја со Украина како кандидат за членство во ЕУ. За ова не постои едногласност кај сите земји членки бидејќи Унгарија блокира заради војната, но и заради унгарското малцинство во Украина. Кос има решение за оваа блокада за да можат да продолжат преговорите.
„Унгарија гласаше ЗА, кога се одлучуваше да ѝ се даде кандидатскиот статус на Украина. Без овој чекор на 27-те земји членки на ЕУ ќе беше невозможно да разговараме за тоа што Украина треба да исполни денес. Подоцна, за жал, Унгарија ја смени својата позиција и мислам дека тоа не е фер, тоа не е европски, и тоа не е солидарно. Првенствено сум им кажала на унгарските политичари дека нивниот проблем со унгарското малцинство во Украина не е таков како што го претставуваат. Во регионот Задкарпатија сум се сретнала и со претставници на ова малцинство и тие се задоволни со Акцискиот план изготвен од Украина кој сега треба да се спроведе. Вчера во Лвов од претставниците на Унгарија слушнав дека тие не се против членството на Украина заради војната, туку дека генерално се против членството на Украина во ЕУ и предлагаат да се оди со понуда за стратешко партнерство. Не. Тоа не е правилниот пат. Уште еднаш, одлуката за кандидат беше на сите 27 членки и ние бараме толку многу од земјите кандидати да испорачаат, но и ние треба да испорачаме.

И тоа што вчера се случи во Лвов (на неформалниот состанок на министрите за Европски прашања на земјите членки на ЕУ – н.з.) е дека Европската комисија од земјите членки доби инструкции кои се очекувањата од Украина во однос на кластерите 1, 2 и 6, што за нас е јасен сигнал дека ние како Комисија можеме, на техничко ниво, да преговараме во овие области, и тоа и ќе го направиме. Точно е исто така дека кога ќе дојдеме на крајот во сите поглавја ќе ни треба едногласност за истите да ги затвориме и јас се надевам дека тоа ќе го постигнеме“, рече Кос.
Еврокомесарката блокадата на Унгарија во врска со отварањето на преговорите на Украина заради членство во ЕУ ја квалификува како „нефер и неевропска”, а исто така потенцира дека кластерите 1, 2 и 6 можат да се отворат и за истите да се водат преговори на „техничко ниво”, а консензусот да се бара по нивното затварање.
Такво нешто од Кос никогаш не беше изјавено во однос на интеграцијата на Македонија и блокадата од страна на Бугарија. Кос не пројавила ни интерес да ја посети Пиринска Македонија, каде што живее мнозинството од македонското малцинство во Бугарија за да се запознае со позицијата на ова малцинство во земја членка на ЕУ.
A.Д.