Понуда со „астрономски“ цени за третман на бездомни кучиња во Тетово, Касами се правда дека цените се намалени

Откако Порталб.мк ја објави понудата што ја прими Општина Тетово од ‘Ана Агро’ за третман на бездомните кучиња, според која што цената за третманот на едно куче достигнуваше до 23.600 денари, што е неколкукратно повисока од понудите во неколку други градови. Денес, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, на прашањето за овие цени, се оправда и рече дека договорот е потпишан со пониски цени од прифатената понуда. Но, и покрај ова, цените се уште се повисоки отколку во Гостивар, Кичево, Охрид и Струга.

На 5 ноември 2025 година Општина Тетово потпиша договор во вредност од 3 милиони денари со Друштвото за згрижување на бездомни кучиња „Ана Агро“.

Според понудата доставена од „Ана Агро”, услугите за третман на едно куче достигнуваа вкупно 23.600 денари (382 евра). Оваа цена е многу пати повисока во споредба со сумите на понудите прифатени за третман на едно куче во други општини како Струга со 3.466 денари, Кичево со 7.021 денари, или Охрид со 9.119 денари.

Општина Тетово, иако беше прашувана неколку пати за детали околу овој договор, со недели ги игнорираше новинарските прашања.

Денес, запрашан токму за овие цени, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, рече дека договорот со „Ана Агро“ не е потпишан за цената дадена во понудата, туку со пониски цени, и дека цената за третман на едно куче изнесува околу 14 илјади денари.

„Станува збор за специфични услуги, не може едно куче истовремено и да се усмрти со евтаназија врз основа на законот, но и да се третира за да се врати повторно во околината, значи тие вредности се вкупни вредности и во зависност од услугите што се нудат таму е и вредноста на вкупните услуги, значи таму може да има една услуга, што се однесува до Тетово засолништето нуди 13 услуги и за тие 13 услуги таа е вредноста“, рече Касами.

Според него, не може да се споредуваат услугите меѓу градовите. „Има градови кои немаат засолништа, туку нудат само кастрација и две-три услуги, значи не може да се споредува еден град со друг град бидејќи зависи од услугите што ги нуди операторот за третман на бездомни кучиња“, рече Касами.

Меѓутоа, на прашањето за цените на услугите од понудата, каде што на пример транспортот на едно куче чини 1.000 денари, додека кај другите општини оваа цена е многукратно пониска, Касами рече дека вредностите се намалени. „Врз основа на цените што се понудени, цената е преполовена, не е 23 илјади туку е некаде 14 илјади“, рече Касами.

Според потпишаниот договор, поединечните цени се во вредност од 14.499,00 денари, без ДДВ и цените утврдени во договорот се фиксни. Договорот на Општина Тетово со Ана Агро 2025. Доколку на ова се додаде ДДВ-то, од околу 2.600 денари, вкупната цена изнесува околу 17 илјади денари, и повторно останува повисока отколку во Гостивар, Струга, Кичево или Охрид.

Што се однесува до овие цени, Порталб.мк се консултиравме со ветеринар кој добро ги познава процедурите и начинот на третман на бездомните кучиња.

„Ова не е реално. Тука ништо не се работи, тука само се крадат пари. Ова е само начин за да прават финансиски криминал“, рече тој.

Според него, реалните трошоци за третман на едно бездомно куче се движат од седум до девет илјади денари.

Овие податоци Порталб.мк ги достави и до Државната комисија за спречување на корупцијата. Од оваа институција најавија дека ќе го разгледаат случајот на еден од колегиумите што се очекува да се одржи следната недела.

Од Институтот за ветеринарство не ни кажаа колку анализи за лајшманиоза се испратени од „Ана Агро“ во последните две години.

Од друга страна, од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за Порталб.мк потврдија дека „Ана Агро“ има капацитет за 10 кучиња.

“Засолништето е отворено со дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и е регистрирано во Регистарот за засолништа.  Засолништето има капацитет за 10 кучиња“, изјавија од АХВ.

Договор под сомнителни околности

Пред Општина Тетово да го потпише договорот со „Ана Агро“ на 05.11.2025 година, на овој повик се пријавила друга компанија, но постапката била поништена на 18.09.2025 година.

Прашан зошто е поништен тој тендер, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами на 25 септември 2025 година рече:

„Затоа што аплицирала компанија надвор од Тетово која понудила нереална цена за да ги изврши услугите кои треба да се извршат за соодветен третман на бездомните кучиња“. Меѓутоа, и здружението „Ана Агро“ не е од Тетово, туку од Општина Јегуновце, а засолништето каде што се третираат кучињата се наоѓа во село Ратае. Освен тоа, нашите извори тврдат дека тендерот е поништен со цел истиот да му се додели на здружението „Ана Агро“.

Ова здружение и во 2024 година го доби тендерот од Општина Тетово за третман на бездомни кучиња во вредност од 3,2 милиони денари. „Ана Агро“ добитник на тендери само од Општина Тетово Здружението за згрижување на бездомни кучиња „Ана Агро“ во овие четири години постоење, според страната за јавни набавки, има добиено вкупно два тендери, двата од Општина Тетово.

Според базата на податоци од CompanyWall Business, „Ана Агро“ е основана на 26.08.2021 година и има двајца вработени. Ова здружение во 2022 година немало никакви приходи. Во 2023 година пријавила приходи од 16.000 денари, а во 2024 година има пријавено приходи од 1.866.000 денари.

Но, според овој регистар, банкарската сметка на „Ана Агро“ моментално е блокирана. Состојбата со кучињата во Тетово е алармантна Додека Општина Тетово троши милиони денари, состојбата на терен со бездомните кучиња останува загрижувачка. Во последните четири години, според податоците од Секторот за внатрешни работи во Тетово, регистрирани се околу 300 случаи на каснување од бездомни кучиња. Но, овој број може е и повисок, бидејќи не сите граѓани ги пријавиле случаите во полиција.

Потсетуваме дека бездомните кучиња во засолништето „Ана Агро“ во Ратае почнаа да се третираат на крај на месец јули 2024 година. И покрај нивниот третман, во градот сè уште има глутници кучиња, за кои граѓаните постојано се жалат.

Во мај 2025 година, од засолништето „Ана Агро“ соопштија дека од 2024 година до мај 2025 година во засолништето биле третирани 224 кучиња. Од засолништето најавија дека ќе продолжат да функционираат и во 2025 година.

Инаку, пред неколку години беше најавена изградба на регионално засолниште за решавање на овој проблем за сите општини во Полог, но тоа досега не е реализирано

INFO