Предлог-измените на КЗ создаваат правна несигурност, смета граѓанскиот сектор

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството ја поздравија иницијативата за интервенирање во Кривичниот законик, но сметаат дека предложените измени не се вистинско враќање на состојбата пред 2023 година, туку воведуваат нови решенија со сериозни последици по правната сигурност и борбата против корупцијата.

Оттаму бараат тековните измени на Кривичниот законик да се ограничат исклучиво на враќање на решенијата кои важеа пред 2023 година, без воведување нови концепти.

„Потребно е да се повлечат или темелно преиспитаат одредбите за проширена конфискација кои овозможуваат одземање имот без кривична постапка и судска осуда. Да не се стеснува поимот ‘корист’ само на имотна корист кај делата за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, со што се создава ризик од неказнивост за сериозни облици на корупција. Да се задржи или да се вметне формулација која овозможува да се обезбеди ефективна кривичноправна заштита од тешки, но нетипични службени злоупотреби. Пред усвојување на измените, да се одржи јавна и стручна расправа, а измените да не се носат по забрзана постапка“, наведено е во реакцијата.

Според нив, овие барања се особено важни ако се има предвид дека и за измените во 2023 година тие реагираа навреме, предупредувајќи на последиците.

„Предложените измени за проширена конфискација значително отстапуваат од моделот што важеше пред 2023 година. Наместо одземање на имот стекнат пред сторување на делото, по спроведена кривична постапка и судска осуда, сега се овозможува конфискација и без утврдена кривична одговорност. Ова е суштинска промена која го менува карактерот на мерката. Ваквиот пристап се доближува до т.н. граѓанска конфискација, без јасно да биде утврдено кој и зошто одговара, поточно кое е кривичното дело кое ја прави проширената конфискација апликативна. Дополнително, овој модел е неусогласен со постојниот Закон за кривичната постапка и создава ризици по правото на сопственост, презумпцијата на невиност и правната сигурност. Оттука, со овие измени, иако наменети за привремено санирање на правната рамка до донесување на нов Кривичен законик, повторно се воведува нов концепт без јасни правила“, се додава во реакцијата.

Од Платформата велат дека кај делото злоупотреба на службената положба, измените значително ја стеснуваат кривичната одговорност.

„Поимот ‘корист’ се сведува само на имотна корист, со што од опфатот испаѓаат облици на злоупотреба кои не секогаш носат директна финансиска добивка, како влијание, фаворизирање или условување. Во споредба со верзијата пред 2023 година, се намалуваат максималните казни за потешките облици на делото, што директно води до пократки рокови на застарување. Ова значи дека сѐ уште постои помал простор за ефективно гонење на сложени корупциски предмети, особено оние кои се откриваат по подолг временски период“, се додава во соопштението.

Оттаму предупредуваат дека се воведува нова инкриминација наместо за враќање на старата одредба.

„Со предложените измени се врши враќање само на инкриминацијата за злоупотребата на службената положба и овластување при постапките за јавни набавки, но не и други форми на злоупотреба на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата. Дополнително, дел од однесувањата што се опфаќаат имаат карактер на управни пропусти, што може да доведе до претерана криминализација без реално зајакнување на борбата против корупцијата. Загрижува што со овие измени не се обезбедува соодветна заштита на средствата од јавните фондови и фондовите на ЕУ, што е спротивно на декларираните заложби за зајакнување на владеењето на правото“, се вели понатаму во реакцијата.

Според нив, предложените измени во Кривичниот законик се избрзани и недоволно промислени, па затоа сметаат дека е неопходна јавна и стручна расправа за да не се повтори практиката на формално „поправање“ на законот, без суштинско решавање на проблемите.

„Во период кога се подготвува целосно нов Кривичен законик, најодговорен пристап е враќање на проверените решенија од пред 2023 година без воведување нови модели со далекусежни последици. Сите суштински реформи треба да бидат дел од сеопфатен, транспарентен и инклузивен процес, а не резултат на ад хок интервенции“, наведено е во реакцијата на Платформата.

INFO