Карпатските рисови се најдобри кандидати да ја зајакнат генетиката на балканскиот рис, кој заради малата популација веќе се размножува во сродство. Единки од овие рисови ќе треба да бидат донесени во земјава бидејќи се меѓу најсличните со балканскиот, живеат во слични планински услови, а веќе биле успешно користени за зајакнување и на други популации.
Балканскиот рис е една од најретките мачки во светот, денес живеат помалку од 50 возрасни единки, ограничени на планините во Северна Македонија, Албанија и Косово. Тие, во изминатите децении се соочуваат со многу закани, како што се губењето на живеалиштата и криволовот, а во поново време и со сопствените гени.
Македонското еколошко друштво, преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис од 2006 година работи на закрепнување на критично загрозениот балкански рис. Експертите утврдија дека поради малата популација и изолираноста, кај балканскиот рис не постои доволна генетска разновидност, а блиското сродство меѓу единките претставува сериозна закана на која треба да ѝ се придава особено внимание во заштитарските програми.
„Ниската генетска разновидност може да резултира со намален репродуктивен успех, зголемена подложност на болести и стрес од животната средина, намалена имунолошка функција, пречки во растот и развојот, намалена плодност и други негативни влијанија, меѓу кои, намалена приспособливост и зголемен ризик од истребување. Затоа се препорачува зајакнување на популацијата со нови единки со што ќе се зголеми генетската разновидност и ќе се намали ризикот од негативните ефекти што произлегуваат од размножувањето во блиско сродство“, вели Диме Меловски од МЕД.
Тој вели дека најдобар кандидат е карпатскиот рис, а зајакнувањето на популацијата би се спровдувало постепено, со пуштање на мал број животни, паралелно со заштита на живеалиштата и внимателно следење на здравјето и размножувањето.
Балканскиот рис се соочува со најниската генетска разновидност од сите проучени популации на рисот во Европа и висок степен на размножување во сродство, а еколозите предупредуваат дека во следната генерација рисови удел во размножување ќе имаат само околу 10 единки. Освен тоа, на популацијата на балканскиот рис ѝ се закануваат и низа други закани, како фрагментација и уништување на живеалиштата, криволов и слабо спроведување на законот, кои може да ја смалат ефективната големина на популацијата и со тоа да се зголеми ризикот од генетски проблеми. Но, дури и успешно да се отстранат директните надворешни закани по популацијата, негативните ефекти од размножувањето во средство и понатаму ќе влијаат врз популацијата.
„Истражувањето покажува дека геномиката не е само алатка за разбирање на ризиците, туку и за пронаоѓање решенија. Со меѓународна соработка и внимателно планирање, балканскиот рис може да добие шанса за опстанок, а ова искуство може да помогне и во спасувањето на други загрозени видови ширум светот“, вели Меловски.
Тој објаснува дека во следниот период врз основа на утврдените предизвици и советите од експерти ќе се спроведе процена на изводливоста на планот за зајакнување на популацијата. Ќе се разгледаат генетските и еколошките услови на потенцијалните изворни популации, но и политичката и јавната прифатеност. Ќе се собираат дополнителни генетски примероци за да се процени актуелниот степен на размножување во сродство и ќе се собираат демографски податоци, за возрасна структура, стапка на наталитет, морталитет и миграција на балканскиот рис.
„Ако процената даде потврдни резултати и ако добие одобрение од надлежните, треба да се спроведе планот за зајакнување на популацијата. Експертите препорачуваат транслокација на неколку единки во различен временски период за да се зголеми генетската разновидност, а по зајакнувањето на популацијата мора да има континуиран мониторинг“, вели Меловски.
Зајакнувањето на популацијата на балканскиот рис може да донесе и економски можности за регионот, сметаат од МЕД. Со зачувувањето и закрепнувањето на овој симбол на дивината може да се привлечат љубители на природата, истражувачи, фотографи за див свет, да се зајакне туризмот и да се генерираат приходи за мештаните. На тој начин ќе се унапредат различни сектори, како угостителство и транспорт, а ќе се создадат и нови работни места и ќе се овозможи поддршка за локалните претпријатија.