
Вистиномер рецензира објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Западнине нацисти не се спремат за одбрана од Русија, туку за одбрана на својот нацизам!
Ова е проруска пропагандистичка објава, која нема никаква врска со фактите и која ја дезинформира јавноста. Да видиме дали западните земји навистина спроведуваат национал-социјалистички политики (или накусо: нацистички).
Таа идеологија не е владејачка ниту во една современа западна држава, ни по устав, ни по закон, па дури ни во Германија, кајшто се етаблирала во 30-те години од минатиот век. Во 1945 г. Советот за сојузничка контрола над тогаш поразената Германија (во кој членувале: САД, Британија, Франција и СССР) со закон ја забранил Национал-социјалистичката германска работничка партија, накусо позната како Нацистичка, како и организациите блиски до неа, а биле забранети и какви било обиди за нејзино реоформување.
Врз основа на тоа, откако било формирана Сојузна Република Германија, во нејзиниот Кривичен законик (герм. Strafgesetzbuch) биле воведени параграфите: 85 (забрана за продолжување со работа на забранети партии), 86 (забрана за пропаганда на неуставни организации), 86a (забрана на симболика на неуставни организации) и 130 (забрана за поттикнување на омраза и за одобрување, негирање или тривијализирање на нацистичките злосторства).
Слични закони има и во Австрија (додуша, таа не е членка на НАТО и според уставот е воено неутрална), а ги има и во Белгија, Франција, Италија, Полска и други западни или прозападни земји. Кај некои од нив нацизмот експлицитно се споменува во нивните закони, а кај некои тој се гони со воопштена забрана за тоталитарни движења, негирање на злосторства против човештвото, ширење на омраза и сл. На 9.4.2015 г. таков закон беше донесен во Украина, чија политика е прозападна, а таму нацизмот е експлицитно наведен како нешто негативно.
Кои се карактеристиките на нацизмот и дали нив ги има во тие (про)западни држави? Ниту една од нив нема тоталитарен режим како Третиот Рајх, туку тие се демократски. Ниту една од нив нема антисемитски закони како злогласните Нирнбершки закони од 1935 г. Ниту во една од тие држави Евреите не се дискриминирани и убивани во логори на смртта. Ниту во една од нив не се дискриминираат лица од африканско потекло и не се врши геноцид врз Ромите како под нацистите.
Ниедна од тие држави нема програма каква што имале нацистите за убивање лица со физичка или ментална попреченост. Ниедна од тие држави не праќа хомосексуалци во концентрациони логори како нацистите. Западот е генерално толерантен кон ЛГБТ-заедницата и општо кон различностите: етнички, расни, политички (под услов да не се работи за екстремизам) и др.
Велиме генерално, затоа што не се сите (про)западни земји исти. Некои се мошне либерални како Холандија, која, на пример, прва на светот легализирала истополови бракови, а некои се малку поконзервативни како Полска или понационалистички настроени како Грција, но, сепак, на Запад тоа не доминира, а камоли некаков нацизам, што е веќе нешто екстремно.
Современите западни земји не се однесуваат како нацистичка Германија и не се напаѓаат едни со други, туку соработуваат, овозможуваат слободен проток на луѓе, стоки и идеи без граници, а пример за тоа е Европската Унија и Шенгенскиот договор. Битен елемент на нацизмот е токму ултранационализмот и милитаризмот, но такво нешто на Запад генерално нема, па некои дури му замеруваат за тоа што е премногу толерантен и политички коректен.
Дури сега тие земји започнуваат да ги јакнат своите воени сили, но не заради агресивни планови или заради „одбрана на својот нацизам“ – како што тврди објавата, туку за да се заштитат од евентуална руска агресија, загриженост која е основана откако тоа ѝ се случи на Украина.
Токму заради тоа Финска и Шведска ја напуштија својата неутралност и влегоа во НАТО и токму затоа некои држави ја јакнат одбраната, го враќаат воениот рок или дури ги минираат границите. Тоа е заради агресивноста на Русија, а не затоа што тие држави се плашат дека Русите ќе им влезат како во Берлин во 1945 г. и дека ќе им го соборат нацистичкиот режим, кого, всушност, го немаат.
Патем, современиот Берлин нема врска со оној од 1945 г. Во неговиот центар, недалеку од Парламентот (Бундестагот), има споменик дизајниран во форма на гробишта, кој ги потсетува германските парламентарци на Холокаусот за тоа никогаш да не се повтори, па тоа ли е нацистичка држава?
Иронично, нешто приближно на нацизам има токму во Русија. Владимир Путин е на власт дури четвртина век и за него се гради култ на личноста, а Русија е де факто еднопартиска диктатура. Таа води изразито националистичка политика и започна најголема агресија во Европа по Втората светска војна, при што врши воени злосторства и работи на бришење на украинскиот идентитет.
Во Русија делува и моќна пропаганда, која би можела да се спореди со онаа на Јозеф Гебелс, а буквата „Z“ со која се обележани руските тенкови во Украина некои ја сметаат за денешен пандан на кукастиот крст. Дури и во говорите на Путин има сличности со оние на Адолф Хитлер.
Во агресијата врз Украина учествуваат и руски неонацисти како Антон Раевски, Алексеј Миљчаков со формацијата Русич или сличната Еспањола на неодамна убиениот Станислав Орлов. Со оглед на авторитарноста на Путин, се подразбира дека тие делуваат со негово одобрение. Неонацистички елементи има и кај руската паравојска Вагнер.
На 22.3.2015 г., во вториот најголем град во Русија, С. Петербург, се одржа меѓународен конгрес на неонацистички партии или движења, среде кои беа: НДП (Германија), БНП (Британија), Форца нуова (Италија) и Златна зора (Грција), што руските власти го толерираа, а гостите дури го фалеа Путин за можноста за изразување која им ја дал, која ја немаат во нивните земји.
Путин ја преориентираше руската економија и индустрија на воени потреби, а од милитаризацијата не се поштедени ни најмладите, за кои беше формирана т.н. Јунармија (Младинска армија), што наликува на нацистичката младинска организација Хитлерјугенд. По руските школи, па дури и градинки, предавања држат војници, дури и извршители на воени злосторства во Украина, кои ги индоктринираат и милитаризираат руските деца, ги учат околу употребата на оружје и сл.
Многу критичари на Путин се или застрелани како Борис Њемцов и Ана Политковскаја, или отруени како Алексеј Наваљни, кој на крај почина в затвор, кај што завршија и многу други, а врз нив се врши брутална тортура. Многу Руси мораа да побегнат во странство, а оние што останаа се замолчени со драконски казни и цензура. Исто така, во Русија засилено се пропагира хомофобија, конзервативни вредности и натализам, слично како кај нацистите.
Земајќи го предвид сето досега наведено, заклучуваме дека објавата нема никаква врска со фактите и дека е манипулативна и невистинита.
Извор: Вистиномер
