ЕУ и со „трн во нога“ од 90 милијарди за Украина, не ги заборава уставните измени за Македонија

„Заедничкиот“ почеток на Македонија и ЕУ во новата 2026 година е на позицијата: „било што (не)било, сега фаќајте го возот со Украина и – направете ги уставните измени!“ Сурово и неприципиелно? Всушност, сега ЕУ има и „алиби“ за таквото однесување – дека геополитиката и на неа ѝ го покажува своето сурово и непринципиелно лице. Сојузникот со „привилегии“ (САД) сè повеќе и сè поотворено ѝ става на знаење на ЕУ дека не е играч за „првата лига“ во геополитиката, токму како што ЕУ во неколку наврати (со Преспанскиот договор, со францускиот предлог…) дрско и непринципиелно ѝ кажа на Македонија, а (со форсирањето на Украина и Молдавија во процесот на проширување) им кажува и на другите земји од Западен Балкан дека не се во план за првата европска лига.

„Не дека до сега не беше јасно, но сега, после овој самит кој се одржа вчера (на 17 декември, н.з.) , на кој присуствуваше и премиерот Мицкоски, недвосмислено стана јасно дека ЕУ ја одржува ‘европската перспектива’ како стратегиска неодреденост: доволно силна за да го врзе (поточно заглави) регионот институционално, но доволно нејасна за да не создаде обврска за прием.

Дополнително се потврди дека билатералните спорови не се ‘отстапување од правилата’, туку вграден инструмент на контрола што ѝ овозможува на Унијата внатрешен мир (меѓу земјите-членки) на сметка на надворешна неправда (кон кандидатите). И тука колку и да се правиме слепи, тоа веќе и на кожа нè жежи“, напиша Реџеп Исмаил, пратеникот од Левица во Собранието, по состанокот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во рамките на декемврискиот самит на ЕУ.

Главниот фокус на тој декемвриски самит на ЕУ беше како да се обезбедат средства за помош на Украина во 2026 и 2027 година, во очигледно отсуство на сознанија од прва рака на членките на Унијата дали тие средства ќе бидат потребни за војна или мир. И покрај храбрите предлози за „конфискација“ на замрзнатите средства на Руската Федерација во банките во Белгија за помош на Украина, реакциите на сите земји-членки и на другите фактори укажуваа дека ЕУ речиси и не е консултирана во дипломатските процеси што би требале да водат до некакви мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Сепак шефовите на држави или влади на членките на ЕУ постигнаа договор за начинот на финансирање на Украина за 2026 и 2027 година преку кредит за кој средства ќе бидат обезбедени врз основа на задолжување на Унијата на пазарите на капитал, поддржано од нејзиниот долгорочен буџет. Со договорот се предвидува Украина да го врати кредитот, дури откако Русија ќе ѝ исплати репарации за предизвиканите штети за време на инвазијата, додека во исто време ЕУ го задржува правото на користење на замрзнатите руски средства за финансирање на заемот. Дополнително, со договорот лидерите ѝ даваат мандат на Комисијата „да продолжи да работи на заемот за репарација врз основа на замрзнатите руски средства“.

За да се избегне евентуална блокада од Словачка, Унгарија или Чешка, кои изразија противење на дополнително задолжување на ЕУ, со договорот се предвидува дека „секое мобилизирање на ресурси од буџетот на Унијата како гаранција за овој заем, нема да има влијание врз финансиските обврски“ на трите земји.

„На последниот Европски совет, Унијата покажа и докажа дека за сè има решение, само ако сака. Правило беше дека сите надворешно – политички одлуки се носат со консензус, но сега тоа веќе не важи. Почнувањето преговори со Украина е доказ за тоа, иако Унгарија беше апсолутно против. Исто така, одлуката за задолжување на земјите на ЕУ со 90 милијарди евра кредит за Украина, при што 3 членки беа против и се исклучија, покажува дека Унијата има решение за сè, ама кога сака.

Со други зборови сега веќе не треба да имаме дилеми, дека приемот на Македонија во Унијата не доаѓа предвид“, ги согледува перспективите на македонскиот процес на евроинтеграции, Ристо Никовски, поранешен амбасадор на Македонија.

Имајќи предвид дека условите на ЕУ за почнување преговори со Македонија одамна се излезени од рамките на Копенхашките критериуми и сите декларирани принципи на Унијата, иако земјите-кандидати не се опфатени во договорот за кредитирање на помошта за Украина, како одредена незивесност се наметнува прашањето – дали можеби со текот на времето некаква „солидарност“ ќе биде поставена како уште еден „неформален услов“.

„Нема никакви дилеми дека ова задолжување на Унијата може на каков било начин да се рефлектира  на земјите-кандидати, освен индиректно, бидејќи тоа ги доведува во прашање финансиските капацитети на Брисел.

Но, по најновата средба во Брисел, сепак најинтересен е односот кон проширувањето. На самитот ЕУ-Западен Балкан, цело време се уверуваше дека проширувањето е актуелно, дека ‘сега му е мајката’, меѓу другото и заради Украина. Меѓутоа, два дена подоцна, во завршниот документ на Европскиот совет, ова прашање е само кусо спомнато со заклучокот ‘и кандидатите и ЕУ треба да се реформираат за да има проширување’. Значи – никогаш!“, ги толкува Никовски пораките „меѓу редови“ од заклучоците на самитот на ЕУ.

Уште една дилема која изгледа како нелогичност, па и неразумност во односот на ЕУ спрема Македонија, па и земјите од Западен Балкан, во контекстот на заложбите и интересот за проширување со Украина (во пакет со Молдавија), која де факто сè уште е во војна – е ситуацијата дека покрај тоа што Македонија (па и земјите од регионот) реформски е секако поусогаласена со стандардите на ЕУ од Украина, секако и многу помали би биле финансиските импликации за Унијата спрема кога балканскиот регион би бил интегриран. Унијата ги „завлекува“ земјите од регионот, особено Македонија, измислувајќи нерешливи прашања, за да се стави практично во финансиска безизлезност и уште понерешливи прашања во случајот со Украина.

„Она што конкретно од самитот ниту еден медиум не го пренесе, а ниту еден од интелектуалата не го забележа (намерно или ненеамерно), самитот ЕУ–Западен Балкан веќе не е само прашање на проширување. Самитот јасно покажа дека Западен Балкан е поважен за геополитичката конфронтација на ЕУ со Русија отколку за самата европска интеграција. Можеби ЕУ- проширувањето не е блокирано, но тоа функционира точно како што е дизајнирано: како процес без рок, со услови што растат побрзо од наградите. Всушност ‘проширувањето’ за ЕУ е инструмент за контрола, а не награда. Македонија и регионот се третираат како стратешки простор што треба да се усогласи, а не како рамноправни партнери.

Во ваков контекст, продолжувањето со истата надворешна политика не е прагматизам, туку политичка инерција. Можеби не треба да ја напуштиме ЕУ, но мора да ја напуштиме илузијата за ЕУ. Време е конечно да ја признаеме оваа реалност и да развиеме алтернатива, без илузии“, вели Реџеп Исмаил во својата анализа на последните случувања во ЕУ и нејзиниот однос кон проширувањето.

Јасминка Павловска

 

 

INFO