Весна Јаневска најавува „ѕид на срамот“ како алатка за борба против плагијаторството

Со новиот Закон за високо образование, и по изборот во редовно звање, професорите по шест години повторно ќе мора да поминат низ изборна постапка, а дури потоа ќе стекнат трајно вработување. Ова е една од новините која ја најави министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешниот брифинг со новинарите. Законот ќе биде деновиве објавен на ЕНЕР. Јаневска најави и дека догодина ќе се заостри борбата против плагијаторството.

Софтверот Плагијати.мк, како што истакна, е застарен, а во план е воведување „ѕид на срамот“, на кој јавно ќе се објавуваат плагијатите од дипломски до магистерски трудови.

„И мене како професор би ми било срам да ставам потпис на нешто што не вреди“, искоментира Јаневска.

Таа посочи дека ќе има новини и кај студентското организирање. „Наместо досегашната пракса, кога изборите за факултетските студентски собранија ги распишуваше деканот, со новиот закон студентите самостојно ќе ги организираат изборите. Ако не успеат, тогаш ќе ги распишуваат деканите“, рече таа.

Во однос на инфраструктурата, министерката информираше дека новите објекти на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура, кои се градат во близина на Ректоратот на УКИМ, ќе бидат поврзани со мост. Анализата за спојувањето ја изработиле професори од Градежниот, Архитектонскиот и Електротехничкиот факултет. Веќе е објавен тендер за репроектирање, а по завршување на проектот ќе следи тендер за фирма-изведувач.

На новинарско прашање на Мета во однос на дигитализацијата, поточно за уписите во средно, Јаневска кажа дека и годинава родителите ќе треба физички во хартиена форма да ги носат документите за упис во училиштето.

Мета веќе пишуваше дека, за да се пријавите за упис во средно училиште, потребно е да одите на е-uslugi.mon.gov.mk, па со корисничко име и лозинка на schools.mk (кои ги има секој деветтоодделенец), да се логирате на вашиот профил. За да аплицирате, потребно е да внесете лични податоци, а потоа, секоја оценка по секој предмет, впишана во секое свидетелство од 6 до 9 одделение, рачно да ја внесете во апликацијата. Покрај рачното внесување на оценките, потребно е во електронска форма да ги прикачите сите четири свидетелства, заедно со извод од матична книга на родените (како и дипломи од освоени места на државни натпревари). Кога завршувате со процесот, ви стасува порака дека апликацијата е успешно поднесена, а во самата апликација пишува колку бодови има кандидатот врз основа на внесените податоци.

Но, најверојатно, прикачените свидетелства не се довoлен доказ за веродостојноста на рачно внесените оценки, па затоа, секој ученик треба и физички да ги однесе оригиналните хартиени документи на училишната комисија во училиштето во кое аплицира. Задолжително треба да ја испринта и однесе и електронската пријава која претходно ја пополнува.

„Од оваа година започнува постепено воведување електронски свидетелства, наајпрво за одделенијата од 1 до 3, потоа за 4, 5 и 6, а во следната фаза и за 7, 8 и 9 одделение. Крајната цел е целосно укинување на хартијата, при што училиштата сами ќе ги повлекуваат потребните податоци за упис“, кажа Јаневска.

За новиот електронски дневник, додаде дека функционира стабилно и дека повеќе ги нема проблемите со губење или незачувување на оценки, со кои наставниците се соочуваа во минатото. Во врска со дигитализацијата и услугите што ги нуди МОН, таа напомена и дека активно се работат и унапредуваат електронски бази на податоци.

„Дигитализирани се стипендиите, сместувањето во студентските домови, јавните повици, нострификацијата на свидетелства, обуките за наставници и проектите за безбеден интернет. Дигитализацијата е клучна алатка во борбата против криминалот и корупцијата“, смета Јаневска.

Добра вест за наставниците е најавеното зголемување на платите од 7 до 10 проценти во март.

Во врска со државната матура, веќе подолго време надлежните најавуваат нов концепт, со два типа матура. Причината е долгогодишната забелешка од учениците и наставниците во средното стручно образование, кои сметаат дека сегашниот модел е неправеден. Со новиот концепт прашањата ќе бидат прилагодени на материјалот што го изучуваат учениците. Учениците од стручно образование со положената матура ќе можат директно да се запишат на технички факултети, а ако се предомислат и сакаат да продолжат на општествени науки, ќе имаат можност дополнително да положат државна матура за гимназиско образование.

INFO