Како што соопштија од Авто-мото сојузот (АМСМ), граничните премини „Евзони“ и „Ники“ (Богородица и Меџитлија од македонска страна) денеска по неколку часа ќе бидат затворени за одредени видови на сообраќај.
Преминот „Ники“, или „Меџитлија“ од македонска страна, ќе биде затворен за товарни возила од 10 до 16 часот, додека „Евзони“ или „Богородица“ од 11 часот е затворен за сообраќај на сите видови возила.
Блокадите на граничните премини во Грција започнаа на 30 ноември, при што околу 300 трактори остануваат паркирани на грчката страна на границата „Евзони“. Блокади за товарни возила има и на премините „Промахонас“ и „Ексохи“ кон Бугарија.
Грчките земјоделци ги почнаа протестите поради зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени, како и поради скандалот со европските земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ), за кој бараат да се утврди политичка и кривична одговорност и да се вратат украдените средства на вистинските корисници.
Додека на овие гранични премини има застој во сообраќајот, на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања. Што се однесува до државните патишта во земјава, сообраќајот на нив се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Според најавите од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.