Јаневска: Едносменска настава и уште 300 училници за еднакви можности за сите ученици

Воведувањето едносменска настава е поврзана со процесот за оптимизација на училишната мрежа, односно затворање на подрачни училишта во рурални средини кои имаат само неколку ученици и нивно префрлање, заедно со кадарот, во централни училишта. За таа цел се потребни просторни услови – доградба на училници, но и на училишни објекти кога се работи за големи урбани општини.

Во обраќање на економскиот форум што денеска го организираше Фајнанс тинк – Институт за економски истражувања и политики, министерката Јаневска рече дека согласно направената анализа на МОН и Светска банка за воведување работа во една смена во сите училишта, потребно е да се доградат 300 училници и 70 санитарни јазли, што е инвестиција од околу 8 милиони евра.

„Ако учениците поминуваат повеќе часови на училиште, време што нема да биде исполнето само со класично учење, туку и со воннаставни активности кои значат стекнување нови знаења и вештини, тоа значи дека учениците добиваат повеќе време да се посветат на своите интереси и личниот развој. Дополнително, едносменската настава придонесува за создавање еднакви можности за сите ученици, овозможувајќи подеднаква достапност до образовните ресурси и активности“, укажа министерката Јаневска.

INFO