Осум матични гинеколози им наплаќале на пациентки за земање брисеви за ПАП тест, ехо и колпоскопија, изречени се казни

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО),  и Управата за јавни приходи (УЈП) спровеле заеднички контроли кај приватни здравствени установи и матични гинеколози и утврдиле неправилности кај 23 ординации.

Како што информира денеска директорот на ФЗО, Сашо Клековски, Фондот имал склучено договори со вкупно 149 приватни здравствени установи кои се надлежни за обезбедување примарна здравствена заштита. Во ноември биле извршени контроли во 49 ординации, што е околу 33 отсто од вкупниот број, поради зачестени претставки од граѓаните за нивната работа.

„Целта на контролата беше да утврдиме дали лекарите се придржуваат до договорните обврски со ФЗО, односно дали услугите како ехо-преглед, колпоскопија, земање ПАП-брис и други дијагностички процедури, кои согласно медицина заснована на докази не смеат да се наплаќаат, туку се обезбедуваат бесплатно“, изјави Клековски.

Од вкупно 49 контролирани ординации, 26 биле оценети како уредни, а кај 23 биле констатирани неправилности. Кај три здравствени установи биле утврдени неправилности исклучиво кон ФЗО, кај 11 само кон УЈП, а кај девет и кон двете институции. Од 12-те утврдени неправилности во делот на ФЗО, најчеста била незаконската наплата на дополнителни средства, регистрирана кај осум ординации, како и неуредна евиденција кај пет ПЗУ.

Во делот на УЈП, кај 20 ординации биле утврдени неправилности поврзани со фискализацијата, за што биле изречени соодветни казни.

Контролите биле спроведени во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица. Највисока неуредност е забележана во Скопје, каде од 16 контролирани ординации, девет биле со неправилности. Во Струмица, само една ординација имала уреден наод, додека четири биле неуредни. Најдобри резултати биле забележани во Битола и Прилеп, каде околу 70 отсто од контролираните ординации биле оценети како уредни.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, истакна дека повеќе од една третина од контролираните субјекти имаат неправилности во делот на фискализацијата, што има сериозни даночни и економски последици.

„Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, најголем дел од овие субјекти плаќаат симболичен годишен данок или се целосно ослободени од оданочување. Неевидентирањето на прометот создава простор за користење на средствата како неоданочени лични примања, стекнување имот и поттикнување на сивата економија“, нагласи Петрова.

Од УЈП упатија апел до граѓаните секогаш да бараат фискална сметка и сите неправилности да ги пријавуваат на бесплатната телефонска линија 198, за да биде поефикасна борбата против незаконското работење.

INFO