Премиерот Мицкоски со новогодишна честитка: Во 2026 година ќе почувствувате мерливи резултати

Премиерот Христијан Мицкоски им ја честита Новата година на граѓаните преку видеообраќање, во која како што вели изминатата година била „тешка и исполнета со сериозни предизвици“, нагласувајќи дека државата најпрво морала да помине низ фаза на стабилизација.

Според него, во текот на годината Владата работела „тивко, системски и одговорно“, со фокус на расчистување на наследените состојби и зајакнување на институциите. Мицкоски сподели дека донесувале одлуки кои не биле лесни, но биле неопходни за враќање на „редот, законот и одговорноста“.

Во видеообраќањето, премиерот нагласи дека фокусот бил ставен на правната држава, при што биле започнати процеси за воспоставување еднаквост пред законот и јасни правила што важат за сите. „Реформите не се козметички, туку суштински и длабински“, рече Мицкоски, додавајќи дека тие бараат време, но се предуслов за функционална држава.

Изминатата година, според премиерот, треба да се гледа како период на подготовка, додека 2026 година ја најави како година во која граѓаните ќе почувствуваат мерливи резултати.

„Не ветуваме чуда туку напорна работа. Не зборови туку конкретни резултати“, порача премиерот.

„Со право можам да кажам дека 2026 ќе биде година на раздвижување и преобразба“, изјави Мицкоски, најавувајќи економски раст, нови инвестиции, инфраструктурни проекти и отворање можности за работа. Тој посочи и дека очекува поголема политичка стабилност и поефикасно функционирање на институциите.

Во новогодишната честитка, Мицкоски ја опиша 2026 година како година на надеж, но и на обврска за оправдување на довербата на граѓаните, упатувајќи порака со желба за здравје, мир и верба дека Северна Македонија се движи „во вистинската насока“.

INFO