Стапуваат на сила новите „зелени царини“ на ЕУ за стоки со висока стапка на јаглеродни емисии

Новата регулатива на ЕУ за „зелени царини“, најголемата промена во правилата за трговија во последните децении,  стапува во сила денес, пренесува Гардијан.

Компаниите што продаваат челик, цемент и други производи со висока стапка на јаглеродни емисии на пазарот на ЕУ, ќе мора да ги почитуваат регулативите или ќе се соочат со казни.

Сепак, експертите предупредуваат дека нејаснотиите околу начинот на примена на правилата, како и неуспехот на британската влада да постигне договор со Брисел по ова прашање, може да доведе до забуна во почетната фаза.

Компаниите треба да го поздрават механизмот за прилагодување на јаглеродните емисии (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), кој има за цел да создаде еднакви услови за конкуренција меѓу компаниите од ЕУ и странските конкуренти, изјави Стефан Сежурне, извршен потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија.

„Европските индустриски производители треба да бидат охрабрени во нивните напори за намалување на јаглеродните емисии“, рече тој. „Оваа реформа носи клучни мерки за обезбедување еднакви услови меѓу индустриските производители од ЕУ и оние надвор од неа. Со вакво зајакнување, поддржуваме намалување на емисиите во нашата индустрија и ја обезбедуваме конкурентноста на европските компании на светската сцена.“

Многу земји очекуваа ЕУ да се повлече од регулативата за „зелени царини“, на сличен начин како што неодамна беа ублажени и некои други еколошки регулативи, но Унијата продолжи со нивната примена и покрај протестите од Кина, САД, Австралија и други држави.

На пример, кинескиот челик би можел да ја загуби својата ценовна предност во однос на европскиот челик. Тоа би можело да создаде вишок на челик и други производи со високи јаглеродни емисии, за кои некои стравуваат дека ќе бидат пласирани по ниски цени на пазарите во Обединетото Кралство и други земји. Се очекува Обединетото Кралство да воведе сопствен механизам следната година.

Во почетната фаза, механизмот за „зелени царини“ ќе ги опфатат железото и челикот, алуминиумот, цементот, водородот, електричната енергија и ѓубривата.

CBAM механизмот во Европа и Обединетото Кралство би помогнал да се заштитат домашните производители, изјави Дијана Кејси, извршна директорка на Здружението на производители на минерални продукти во Велика Британија, кое ги вклучува и производителите на цемент.

„Предизвикот за нас е што остатокот од светот не работи доволно брзо за намалување на јаглеродните емисии. Затоа,  производството на цемент е значително поевтино надвор од Европа“, рече таа.

Британските компании се надеваа дека нема да бидат казнети со CBAM, бидејќи Обединетото Кралство веќе ги регулира јаглеродните емисии. Велика Британија и ЕУ работат на поврзување на своите пазари за јаглерод, но тоа сè уште не е реализирано, а предложениот договор за изземање на Велика Британија се покажа неуспешен, што значи дека британските компании би можеле да бидат опфатени со мерките.

Комесарот на ЕУ за клима, Вопке Хукстра, изјави за новинарите пред Божиќ дека британските компании немаат многу причини за загриженост од CBAM, и покрај отсуството на договор, и дека откако двата системи за тргување со јаглерод ќе се поврзат, усогласувањето со CBAM би можело да биде релативно едноставно.

„Цената што [Велика Британија] ќе ја плаќа е навистина минимална“, рече тој. „Мојата проценка е дека, доколку дојде до целосно поврзување на пазарите за јаглерод, тогаш најверојатно нема да има ништо дополнително ниту во сметководството, ниту во документацијата што треба да се направи.“

Електричната енергија од Велика Британија, која извезува обновлива енергија во земјите од ЕУ кога ветерот дува силно и има вишок енергија за британската мрежа, треба да биде изземена од CBAM, изјави Адам Берман, директор за политики и застапување во Energy UK.

„Би било збунувачки исход ефективно да се обесхрабрува увозот на чиста електрична енергија во ЕУ“, рече тој.

Компаниите што продаваат челик, цемент и други производи и произведуваат висока стапка на јаглеродни емисии на пазарот на ЕУ, ќе мора да ги почитуваат регулативите или ќе се соочат со казни.

ЕУ, исто така, планира да го прошири овој механизам за производи од челик и алуминиум,  како што се машини и електрични апарати, почнувајќи од 2028 година. Целта е да се спречи производителите да ги заобиколуваат „зелените правила“ преку преместување на производството надвор од Европа.

Адриен Асус, извршен директор на тинк-тенкот „Sandbag“, оцени дека ефектот врз цените веројатно ќе биде ограничен, барем во почетокот.

„CBAM механизмот ќе има исклучително позитивно влијание врз намалувањето на јаглеродните емисии во ЕУ“, рече тој. „Но, влијанието на CBAM врз цените и економијата во првите неколку години ќе биде релативно благо зголемување. Расправаме за проблем што не е многу голем, бидејќи количината на емисии што се опфатени не е голема“.

INFO