Премиерот е задоволен од изградбата на автопатиштата

„Се работат проектите за стабилизирање на свлечиштата после тунелот кај Врбјани до Кичево, и кај Ботун. Таму  беа вицепремиерот и министер за транспорт и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта и снимија едно импресивно видео – првпат во Македонија се гради таков тип на објект и мислам дека ќе биде прекрасно за да се гледа“, изјави Мицкоски.

Очекува, како што рече, „ да се држиме до датумите што ги дадовме“ и е оптимист дека или за 2 Август или за Денот на независноста, кога ќе се одбележат јубилејни 35 години, делницата од кичевски Извор до Охрид целосно да биде пуштена во употреба.

„Од Букојчани до Кичево тендерот е завршен, се прави евалуација на понудите, ставен е на брза трака и очекувам и тука да имаме напредок. Сите оние проекти со т.н. „Бехтел и Енка“, односно коридорите 8 и 10Д, околу 90 проценти се расчистени траси, имотно-правни односи, тоа што е обврска на државата е завршено, изведувачот напредува. Околу половина милијарда евра веќе се исплатени за тие проекти. Така што, сигурен сум дека се движиме во добра насока и им честитам на сите кои се вклучени во тие проекти“, додаде претседателот на Владата одговарајќи на новинарски прашања во Карбинци.

INFO