Причината за оваа преписка потекна од изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, изминатиот викенд, кој кажа дека акцискиот план за правата на малцинствата е подготвен, но оти наишол на забелешки, односно не бил прифатен од Бугарија, наведувајќи дека главната забелешка на Софија била што документот бил напишан на македонски јазик.
Притоа тој кажа оти жали што Бугарија уште еднаш ја испуштила шансата да биде добра сосетка.
Мицкоски изјави дека за однесувањето на Софија ги предупредил и партнерите во Брисел, на кои, според него, им било кажано дека и кога земјава би го направила најдобриот акциски план, тој би бил одбиен од Бугарија.
Според премиерот, од Брисел било сугерирано Планот да биде направен со вклучување на најдобрите експерти од Советот на Европа и да се постапи онака како што тие сугерираат, а прашањето како тоа потоа би се решило со Бугарија да ѝ го остават на ЕУ.
„Препорачано беше да се усвои и од Владата и од парламентот, како и за него да има јавна дебата. Ние така направивме, во подготвувањето на овој акциски план учествуваше врвен и признат експерт, Италијанка. Како што беше побарано, така направивме и за неговата содржина. Го дадовме однапред. Е сега, им пречело што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно со Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам, како претседател на Влада, ниту, пак, министерот (за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски н.з.), да го кршиме Уставот“, изјави Мицкоски.
Официјална Софија се огласи во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, изразувајќи загриженост за, како што велат од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), „последните тези од властите во Скопје што остро се разликуваат од суштината на европскиот консензус од 2022 година“.
„Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези изработени од властите во Скопјe, кои остро се разликуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година.
Прашањето на кој јазик треба да биде планот за правата на заедниците што се очекува од Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив. Тешко е да се објасни изборот на Скопјe на своите граѓани да им го претстави нацртот на овој план на англиски јазик, особено ако планот е планиран да се спроведе.
Потсетуваме дека Планот за правата на заедниците е чекор наменет да следи по влегувањето на Бугарите во Уставот, кој сè уште е во тек и кој ќе им овозможи на нашите соседи да ги отворат преговорите за пристапување.
Во исто време, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека ’ќе ги прифати во Планот сите други коментари’ на бугарската заедница и сметаме на него да го одржи ова ветување кон нив“, се вели во реакцијата на бугарското МНР.
Изработката на Акцискиот план за унапредување на правата на малцинствата, кој сè уште е во работна верзија, е во надлежност на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, од каде што реагираа со соодветно соопштение за целата ситуација од последната билатерална коресподенција со Бугарија околу прашањето на јазикот во документот.
„Република Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-aкцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Советот на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди.
Процесот на изработка на предлог-акцискиот план се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година. Во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата. Од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантните европски и меѓународни стандарди“, се вели во соопштението на македонското МНРиНТ.
Истовремено се изразува загриженост што документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија.
„Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик.
На крај, потенцираме дека Република Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина. Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани“, наведуваат од МНРиНТ на Македонија.
Акцискиот план за унапредување на правата на малцинствата, кој е во работна верзија, е изработен во согласност со став 35 од преговарачката рамка за Македонија, усвоена од Советот на Европската Унија на 18 јули 2022 година.
Ставот 35 од преговарачката рамка предвидува дека Македонија, преку инклузивен процес, ќе усвои акциски план посветен на заштитата на правата на лицата што припаѓаат на заедниците, вклучително, меѓу другото, во областа на недискриминацијата, борбата против говорот на омраза, образованието, воспоставувањето ефективни мерки, механизми за известување и утврдувањето на надлежните одговорни институции.