
Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова уверува дека нема двојно оданочување на доходите остварени во странство и дека граѓаните кои платиле данок надвор од земјата и понатаму можат да доставуваат валидни докази, по што ќе следи корекција на даночните обврски. Ова на денешната прес-конференција го соопшти директорката на Управа за јавни приходи, Елена Петрова, по реакциите на граѓани кои тврдат дека за истиот доход се оданочени и во странство и во Македонија.
„Не може да има двојно оданочување, бидејќи и Законот за персонален данок на доход и меѓународните договори со земјите со кои имаме склучено договори, обезбедуваат механизми за спречување на двојното оданочување. Во исто време, тие спречуваат и двојно ослободување, односно данокот да не биде платен во ниту една земја“, изјави Петрова.
Таа појасни дека УЈП постапувала согласно законските рокови и дека даночните решенија за 2020 година морале да бидат донесени најдоцна до 31 декември 2025 година, односно во рок од пет години по истекот на годината во која е остварен доходот.
Над 11.000 граѓани биле повикани да достават докази
Петрова нагласи дека активноста не била изненадна, туку резултат на повеќегодишна анализа на податоци доставени од банките уште од 2020 година наваму. Податоците биле вкрстувани со други системи, по што над 11.000 граѓани добиле персонализирани известувања да поднесат самопресметка или да достават докази доколку сметаат дека доходот не подлежи на оданочување.
„Свесни сме дека за дел од граѓаните е тешко да се обезбедат докази за период од пет години наназад. Затоа, и по донесувањето на решенијата, ќе овозможиме сите кои ќе достават дополнителни докази за платен данок во странство, тие да бидат разгледани, по што ќе следи корекција на годишната даночна пријава и на конечниот данок“, рече Петрова.
Според податоците на УЈП, за 2020 година е утврден непријавен данок кај околу 6.600 граѓани, додека за останатите е констатирано дека доходот не подлежи на оданочување. Од тие 6.600 граѓани, 2.200 самите поднеле пресметка, а за околу 4.400 решенијата биле донесени по службена должност. Вкупно утврдениот данок изнесува околу 186 милиони денари, односно приближно 3 милиони евра.
Министерката за за финансии со оправдување: Законите не се менувани
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека во овој процес не е сменет ниту еден закон и дека станува збор за доследна примена на постојната законска рамка.
„Ниту еден закон не е сменет. Даночните обврзници треба да ги знаат законите и да ги почитуваат. Кога се остварува доход во странство, обврска на граѓанинот е навремено да обезбеди потврда и да го пријави доходот, дури и кога данокот е веќе платен надвор од земјата“, изјави министерката.
Таа додаде дека целта на овие активности не е само наплата на данок за минатите години, туку воспоставување ред и функционален систем за во иднина, како и намалување на сивата економија.
„Данокот е изворен приход на државата и од него се сервисираат сите буџетски расходи. Оваа мерка е дел од пошироките напори за подобра наплата и намалување на сивата економија“, рече Димитриеска-Кочоска.
Од УЈП апелираат граѓаните навремено да ги пријавуваат доходите остварени во странство и да ги чуваат потребните докази, со цел да ги користат правата за даночен кредит или поврат и да избегнат идни недоразбирања.