Каракас и Вашингтон постигнале договор за извоз на венецуелска нафта во вредност до 2 милијарди долари кон Соединетите Американски Држави, пренесува Ројтерс.
Станува збор за клучен договор кој треба да го пренасочи нефтениот тек кон САД и истовремено да ѝ помогне на Венецуела да избегне дополнително кратење на производството.
Договорот е јасен сигнал дека венецуелската влада одговара на барањата на Трамп да се овозможи влез на американските нафтени компании, во спротивно, како што предупредил тој, може да следи поголем воен притисок. Трамп изјавил дека очекува привремената претседателка Делси Родригез да им овозможи „целосен пристап“ на САД и на приватните компании до венецуелската нафтена индустрија.
Во моментов, Венецуела има милиони барели нафта складирани во танкери и резервоари кои не може да ги извезе поради блокадата на извозот што САД ја воведоа во средината на декември. Таа блокада беше дел од засилениот притисок врз владата на претседателот Николас Мадуро.
Според Трамп, Венецуела ќе „предаде“ меѓу 30 и 50 милиони барели нафта на САД. Ројтерс пренесува, во објава на социјалните мрежи тој навел дека нафтата ќе се продава по пазарна цена, а средствата ќе бидат под негова контрола „за да е сигурен дека средствата ќе бидат искористени во корист на народот на Венецуела и на Соединетите Држави“.
Трамп додаде дека американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, ќе биде задолжен за спроведување на договорот и дека нафтата ќе се преземе директно од бродовите и ќе се транспортира во американски пристаништа.
Извори за Ројтерс претходно изјавиле дека пратките нафта кои требало да се испорачаат за Кина, земја која во последната деценија беше најголемиот купувач на венецуелска нафта, особено по воведувањето американски санкции во 2020 година, сега ќе се пренасочат кон САД.
„Трамп сака ова да се случи што е можно побрзо за да може да го прикаже како голема победа“, изјавил извор од нафтената индустрија за Ројтерс.
Во моментот, производството и испораката на венецуелска нафта кон САД се целосно контролирани од американската нафтена компанија Шеврон, која е главен партнер на венецуелската државна комппанија – PDVSA. Шеврон извезува околу 100.000–150.000 барели нафта дневно кон американските рафинерии, и е единствената компанија што продолжува да ја товари и испраќа нафтата без прекини и покрај санкциите и ембаргото.
PDVSA нема директен пристап до финансиските средства од продажбата поради санкциите што ја исклучуваат од глобалниот финансиски систем, со замрзнати банкарски сметки и ограничена способност за плаќања во долари.
Американскиот секретар за внатрешни работи, Даг Бургум, во вторникот изјавил дека зголемениот прилив на венецуелска нафта кон американскиот Залив би била „одлична вест“ за безбедноста на работните места, за идните цени на бензинот во САД, но и за самата Венецуела.
„Венецуела сега има можност да привлече капитал, да ја обнови својата економија и да го искористи тој потенцијал“, изјави Бургум за Фокс Њуз, додавајќи дека „со американска технологија и американско партнерство, Венецуела може да се трансформира“. се вели во текстот на Ројтерс.
Поради ембаргото, PDVSA веќе морала да го намали производството, бидејќи се соочува со недостиг на складишен простор за нафтата. Доколку наскоро не се најде начин за извоз, ќе мора дополнително да го намали производството, изјавил еден од изворите.
Трговците со нафта реагирале на вестите за разговорите за договорот. Во вторникот, разликите во цените за некои типови нафта на американскиот Залив се намалиле за околу 50 центи по барел, поради очекувањата за зголемена понуда од Венецуела.
Аналитичарите потенцираат дека враќањето на венецуелската нафта на американскиот пазар има и геополитички и економски ефекти: тоа би им донело олеснување на американските рафинерии кои традиционално обработуваат тежок суров нафтен тип, но би можело да влијае на глобалните цени и да го намали уделот на други добавувачи.