Возачот што ја прегази жената во Капиштец побегнал од државата, МВР распиша потерница

Министерството за внатрешни работи распиша потерница за 18 годишниот С.С. и неговиот татко Б.С. (45) од Скопје кои ја напуштиле државата откако С.С. со возилото на татко му во скопски Капиштец ја удри во Љ.Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а тој со возилото избега од местото на настанот. СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со сообраќајната несреќа која се случи вчера на улицата „Народен фронт“ во Скопје околу 11:30 часот, во која патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удри во Љ.Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а возачот со возилото избега од местото на настанот.

„Веднаш по добиената пријава, полициски службеници презедоа мерки и активности за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано од неговиот син С.С. (18). Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму е затекнат С.С. (69), кој е приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор“, посочуваат од МВР.
Полицијата утврдила дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за помагање на сторител во извршено кривично дело.

Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за ,неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода и се преземаат мерки за негово пронаоѓање и пронаоѓање на Б.С.. За двете лица распишана е потерница, а пронајдени се возилото „фолксваген пасат“ со кое е удрена жената и возилото „мерцедес“ со кое С.С. и Б.С. ја напуштиле државата и двете возила се одземени во полициска станица и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка

INFO