АНАЛИЗА: 2026 треба да биде година на економски резултати, да се види ветуваниот напредок

Економски раст ќе забрза, инфлацијата ќе забави. 2026 според буџетското “сценарио“ на Власта ќе биде успешна година – зголемена наплата на приходи,  дисциплинирани расходи,  износ на капитални инвестиции поголем од “дупката“ во буџетската каса пишува Порталб. Според економистите, следната година треба да биде година во која ќе се испорачаат видливи резултати.

“2026-та ќе биде година во која ќе се види дали стабилизацијата ќе се претвори во вистински напредок. Инфлацијата би требало постепено да се намалува, а растот може умерено да забрза ако започнат клучните јавни инвестиции и ако надворешното окружување остане стабилно. Но, тоа е можно само под неколку услови: доследна фискална политика, подобра реализација на инфраструктурни проекти, поголема предвидливост во регулативата и задржување на монетарната стабилност како централен приоритет,“ изјави за Порталб економистот и универзитетскиот професор Синиша Наумовски.

“Доколку овие услови се исполнат, 2026-та може да биде година на реална консолидација и постепено забрзување на економија. Ако не — ризикуваме повторно да се движиме со истата инерција, недоволна за суштинско подигање на животниот стандард. Надворешни ризици – зависност од германската економија, геополитички тензии, можни нарушувања во синџирите на снабдување,“ додава Наумовски.

2026 та за граѓаните започнува со поскапена електрична енергија, и тоа за сите блокови и за двете тарифи, скапата и евтината. Пациентите од 1 ви јануари плаќаат поскапа здравствена партиципација од 33 до скоро 50 отсто. Оваа 2026 та ќе биде неизвесна и за земјоделците –  се прелеа проблемот со запрените исплати на средства од ИПАРД 3 програмата поради корупциски скандал во врвот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство а ќе чекаат да им се исплатат заостанатите субвенции и средства по основ на други мерки.

Во најава – големи планови за реални инвестиции

Во новата економска година капиталните инвестиции се проектирани на 640 милиони евра – и тие треба да бидат столбот на економскиот раст, велат економистите.

“Клучен предизвик за нас, овие глобални случувања, е поголемо искористување на глобалните текови на капитал, преку инвестиции. Дел од овие текови се и пари од ЕУ и нејзините институции и банки, што е важна, ако не и клучна задача за Владата. Добро е што се започнаа крупни инфраструктурни проекти во транспортот (железницата) и сметам дека треба и мора да бидеме уште по амбициозни, по „гладни“ пред ЕУ за нови. Ако се успее во навремена и целосна реализација на започнатите проекти, растот на БДП ќе стане одржливо висок (зборувам над 4%) што за релативно краток период од година до две ќе биде и многу видлив за граѓаните“ – вели за “Порталб“ економистот Јован Деспотовски .

Во 2026-та најавен е почеток на мега- инвестиции во патната и железничката инфраструктура но и завршување на веќе почнатите проекти. Така оваа година , според последните најави, треба да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој почна да се гради во 2014 година.

Во оваа 2026-та се прелеа синдикалната битка за поголем пораст на минималната плата – законско усогласување во износ од 1 500 до 1600 денари ќе се случи во март. Приватниот сектор очекува стабилна и предвидлива бизнис – клима. Економистите велат дека потенцијал за инвестирање има.

“Втор приоритет е зафаќање на капиталните текови во приватна сфера. Тука се странските инвестиции, но и домашните компании и капитал. Податокот дека имаме 10 милијарди евра депозити на граѓаните и економијата во банките едноставно мора да се искористи. На пример, да се размисли за воведување на гаранции за „мали“ вложувања на граѓаните во инвестициски фондови кои пак инвестираат не во акции и обврзници на светските берзи, туку во развој на домашните компании. Ако со ваква една мерка се „ослободат“ 50, 60 милиони евра за почеток, тогаш со добри резултати ефектот само ќе се засилува. Впрочем, Македонија нема секако да биде прва во Светот што го прави ова, но секако ќе биде пионер во регионот, од кој ќе можат да учат и останатите“ вели Деспотовски.

Сепак вкупните економски текови ќе бидат условени и од надворешните влијанија, воените конфликти, протокот на стоки и услуги во глобални рамки, царинските и тарифните политики на САД, економската состојба на нашите најважни трговски и инвестициски партнери.

INFO