
Царинската управа поднесе кривична пријава против едно правно и едно физичко лице поради сомнение дека нелегално вршеле меѓународни поштенски услуги и криумчарење стока.
Од управата споделуваат дека во координирана акција на царинските инспектори од одделението за истраги, во соработка со Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен испекторат, извршиле претрес на фирма која работела без соодветна лиценца.
При контролата, запленети се вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари кои биле пронајдени на лице место.
Поштенските пратки биле внесувани со возила преку граничен премин без да се пријават кај царинските органи, а потоа биле складирани во магацин на фирмата. Намерата било да ги транспортираат до нарачателите и да добијат паричен надомест за истото.
Од Царинска управа најавуваат дека ќе продолжат со засилени контроли и координирани активности со другите институции, со цел спречување на криумчарењето, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување фер конкуренција на пазарот.