Јаневска: Второто полугодие ќе започне на 20 јануари, распустот нема да се продолжи

Нема пречки за почеток на второто полугодие на 20 јануари во сите основни и средни училишта низ земјава, соопшти денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ова значи дека  и покрај состојбата со големиот број заболени од грип на ниво на држава, нема да биде продолжен зимскиот распуст.

„Учебната година во сите училишта на територијата на државата почнува на 20 јануари. Вчера имавме изјава од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје дека нема пречки да стартува второто полугодие од оваа учебна година“, рече Јаневска и апелираше до родителите и до учениците да бидат редовни во училиштата и што е можно поретко да отсуствуваат.

„Сите испитувања и во земјава и во светот покажуваат дека оние што редовно ја посетуваат наставата постигнуваат подобри резултати“, додаде таа.

Како што вчера информираше епидемиологот Драган Кочински, во текот на втората недела од јануари, односно од 5 до 11 јануари, евидентирани биле 2.322 заболени лица со грип и заболувања слични на грип, што е за 36,4 отсто повеќе во однос на претходната недела.

„Ако споредиме со истата недела од минатата сезона, имаме зголемување 2,2 пати, а ако споредиме со просекот, имаме зголемување од 31 процент. Се наоѓаме во ниво на средна активност на вирусот на грип. Најголем број од заболените се на возраст од 15 до 64 години, како и најмалите од 0 до 4 години“, информира Кочински.

Тој кажа дека земјава се наоѓа во средна активност на вирусот на грип.

„Имаме зголемен број заболени, но тоа е очекувано за овој период од годината. Пикот се очекува во периодот од средина на јануари до средина на февруари. Точно е дека имаме расте нколку недели порано од очекуваното, но засега не даваме препорака за продолжување на зимскиот распуст. Но ако има промени ќе дадеме соодветни мерки“, рече Кочински.

INFO