Минатата година милијардерите се збогатија трипати побрзо од вообичаено, што е рекордно ниво и со ова се продлабочува економско-политичкиот јаз, загрозувајќи ја демократската стабилност, пренесува Ројтерс.
Во извештајот кој се објавува секоја година пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос, организацијата против сиромаштија Оксфам, наведува дека богатството на милијардерите во 2025 година пораснало за 16 проценти и достигнало 18,3 трилиони долари, што претставува зголемување од 81 процент од 2020 година наваму.
Овој раст се случува во време кога секој четврти човек во светот се соочува со тешкотии да обезбеди редовен оброк, а речиси половина од светското население живее во сиромаштија.
Зголемувањето на богатството оди паралелно со силна концентрација на политичка моќ, укажува истражувањето на Оксфам. Според податоците, милијардерите имаат 4.000 пати поголеми шанси да заземат политичка функција од обичните граѓани.
Организацијата го поврзува најновиот раст на богатството со политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, чија втора администрација ги намали даноците, ги заштити мултинационалните компании од меѓународен притисок и ја намали контролата врз монополите.
Дополнителен профит донесе и наглиот раст на вредноста на компаниите поврзани со вештачката интелигенција, што уште повеќе ги збогати веќе богатите инвеститори.
„Сè поголемата разлика меѓу богатите и останатите го ограничува политичкиот простор за обичните луѓе, и тој многу опасен и неодржлив“, изјави извршниот директор на Оксфам, Амитаб Бехар.
Оксфам ги повика владите да усвојат национални планови за намалување на нееднаквоста, да воведат повисоки даноци за екстремното богатство и да воспостават јасни бариери меѓу парите и политиката, вклучително и ограничување на лобирањето и финансирањето на кампањи.
Во моментов, даноци на богатство се применуваат само во неколку земји, како Норвешка, но за вакви мерки се дебатира и во Велика Британија, Франција и Италија.
Организацијата со седиште во Најроби пресметала дека богатството на милијардерите кое минатата година се зголемило за 2,5 трилиони долари, е приближно еднакво на имотот што го поседуваат најсиромашните 4,1 милијарди луѓе во светот.
Бројот на милијардери во светот за првпат надмина 3.000, а најбогатиот, Илон Маск, стана првиот човек со нето-богатство поголемо од 500 милијарди долари.
Бехар предупреди дека владите носат „погрешни одлуки за да им угодат на елитите“, посочувајќи на кратењето на социјалната помош и укинувањето на граѓанските слободи.
Во извештајот се истакнува и зголеменото влијание на ултрабогатите бизнисмени врз традиционалните и дигиталните медиуми.
Според Оксфам, милијардерите денес поседуваат повеќе од половина од најголемите медиумски компании во светот, како на пример компаниите на Џеф Безос, Илон Маск, Патрик Сун-Шионг и Французинот Винсент Болоре.