Откако кандидатите за в.д. градоначалник ги изнеле образложенијата на своите кандидатури, на седницата биле изнесени низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати. Поради тоа претседателот на Советот, Лазо Митев дал едночасовна пауза, по која се гласаше за предлозите.
На истата седницата оставка поднесе советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Атанасова Арсова, која образложи дека не прифаќа такво политичко препукување, особено што и самата е засегната, бидејќи нејзиното дете е едно од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Кристина Атанасова-Арсова, со солзи во очите поднесе оставка од функцијата видно потресена го напушти советничкото место, упатувајќи јавно извинување до граѓаните кои гласале за неа.
„Сакам да побарам прошка од сите граѓани кои ми ја дадоа довербата. Не успеав да ги реализирам моите идеи, бидејќи тие не беа приоритет за градоначалникот и за раководството. Наместо грижа за јавниот интерес, тие беа водени од лични суети и од желба за моќ“ – рече Атанасова-Арсова пред да ја достави својата оставка.
Таа додаде дека ја напушта политиката разочарана од односот во локалната власт, но и од, како што рече, „страшно понижувачките околности“ во кои се нашла.
Наместо тоа, вели дека ќе се посвети на своето дете, кое е повредено, како и на сите деца кои се соочуваат со страдање.
„Сите идеали на светот не вредат колку солзите на едно дете“ – рече низ плач советничката.
Во својот говор, таа упати жестока критика кон двајцата кандидати за в.д. градоначалник, обвинувајќи го едниот за самореклама и молк за нередите во ноќни објекти, а другиот за насилно однесување, игнорирање на буџетот за 2025 и за обиди за освојување функција по секоја цена.
Атанасова-Арсова претходно беше и директорка на Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип.
За в.д. градоначалник на Кочани, градот кој во пожар во дискотека имаше 61 жртва и околу 200 поредени, е избран Венко Крстевски.