Тошковски: Безбеден град работи непристрасно, законот ќе важи за сите

„Системот Безбеден град работи автоматски и непристрасно, камерата не прави разлика меѓу луѓе, туку евидентира прекршок. Законот важи еднакво за сите, а безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој беше на локација каде се спроведува финална проверка и верификација на паметниот систем за автоматска детекција на брзината на движење на возилата, како дел од проектот за унапредување на безбедноста во сообраќајот.

Фото: МВР
„Станува збор за систем кој МВР го развиваше во изминатиот период со цел намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи. Во процесот на тестирање се проверува јасноста на снимките, прецизноста при читањето на регистарските таблички и точноста на податоците што системот ги регистрира. Според стручните служби вклучени во верификацијата, утврдените отстапувања во мерењето на брзината се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира висока сигурност и доверливост на системот“, потенцираше министерот Тошковски.
Тој истакна дека со овој систем се поставуваат повисоки безбедносни стандарди во сообраќајот и неговата цел е помалку незгоди, помалку повредени и повеќе спасени човечки животи.
Фото: МВР
Во првата фаза камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на територијата на целата држава. Паралелно, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, кои ќе дејствуваат особено на т.н. „црни точки“ на патиштата.
Од МВР потенцираат дека примената на системот веќе покажува позитивни ефекти во насока на зголемена сообраќајна дисциплина и намалување на ризиците на патиштата.
Министерството вчера информираше дека денеска се спроведува тестирање, калибрација и верификација на камерите во Куманово и Тетово.
INFO