Видеата со оштетени полициски возила „пежо 408“ се монтирани

Од МВР велат дека објавените видеа на кои е прикажано дека дел од новите полициски возила се оштетени, се фотомонтажа. Оттаму додаваат дека станува збор за целосна невистина и апелираат да не се шират лажни вести кои имаат цел да ги манипулираат граѓаните, пишува Вистиномер, во написот кој ви го пренесуваме во целост.

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук (слична објава е поставена и овде) во која се споделува видео и пишува:

Лом ги направиле.

Во склоп на објавата има видеоматеријал на кој се прикажани наводно „оштетени автомобили“ од новите полициски возила „пежо 408“, што Министерството за внатрешни работи ги набави за унапредување на своите капацитети.

Станува збор за невистинита содржина креирана со помош на вештачка интелигенција. Вистиномер се обрати во Министерството за внатрешни работи со прашање дали конкретната содржина е вистинита и добивме одговор дека се работи за невистинити, монтирани видеа.

Во врска со објавените фотомонтажи на дел од социјалните мрежи на кои е прикажано дека наводно се оштетени дел од новите возила на МВР, ве известуваме дека станува збор за целосна невистина. Апелираме да не се шират лажни вести кои имаат цел да ги манипулираат граѓаните, велат од МВР за Вистиномер.

Објавата во моментот на пишувањето на оваа рецензија има над 780 реакции, повеќе од 400 коментари и 100 споделувања. 

Инаку станува збор за возила коишто МВР неодамна ги набави, но ниедно од нив не е оштетено на начинот на кој невистинито е претставено во објавата што ја рецензираме.

На 26.12.2025 година беше промовирана набавката на 120 службени возила „пежо 408“ за потребите на македонската полиција, како дел од проектите за унапредување на материјално-техничките капацитети на Министерството за внатрешни работи. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тогаш истакна дека ваква набавка на полициски возила е прва после 15 години, дека се работи за модерни и моќни возила со кои полициските службеници многу поефикасно ќе ги извршуваат своите работни задачи.

Возилата се со најсовремени ТЕТРА-системи со потребни информации за полициските службеници на самото место да ги извршат сите потребни проверки на евиденција, сите анализи на податоци кои ги имаме во МВР, анализи на прекршочни евиденции и сето останато кое е потребно за истите да бидат ефикасни во рамки на своето работење и да одговорат на сите предизвици со опрема, информации и технологија, каква има секоја европска држава, изјави Тошковски.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

INFO