Правилото 90/180 за престој во земјите од Шенген зоната не е ново, но откако бројот на држави членки се зголеми на 29, вклучувајќи ги Хрватска, Бугарија и Романија, стана голем проблем и ограничување за превозниците во Македонија и во регионот. Правилото е исто за сите, и предвидуваа граѓаните од земји кои не се дел од зоната можат да престојуваат во земјите од зоната вкупно 90 дена во рамки на 180 последователни денови. Претседателката на транспортната Асоцијација Макам-транс, Билјана Муратовска вели дека повеќе од две години заедно со транспортните организации од Балканот алармираат за овој проблем, но досега не е најдено решение.
„Кога се воведе правилото во Шенген беа пет држави, тогаш овие 90 денови не беа толку голема пречка како што се сега. Во моментов во Шенген се 29 земји, значи покрај државите од ЕУ, тука се и Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн“, вели Муратовска и додава дека и досега се пребројувале деновите кои возачите на нашите превозници ги поминуваат транспортирајќи стока низ Европа, но тоа се правело рачно. Она што сега се воведува е автоматско броење.
Муратовска вели дека македонските, а и транспортерите од Балканот не треба да се сметаат како туристи кои можат да поминат само 90 дена во шест месеци во земјите од Шенген зоната, туку дека треба да добијат посебни визи за неограничен број на влезови и излези со што ќе се надмине овој проблем.
„Многупати сме разговарале со претставници на ЕУ како и со амбасадори на повеќе европски земји, особено во последните години кога се зголеми бројот на Шенген држави и кога практично нашите возачи каде и да тргнат им се бројат деновите. За жал, досега нема решение, иако ни беше ветено од Брисел дека до 15 јануари ќе добиеме некаков одговор на нашите барања“, вели Муратовска.
Таа посочува дека само друмските превозници се третираат како секој турист што ја посетува ЕУ во поглед на ограничување на деновите за престој, за разлика од екипажите во авио, бродскиот и железничкиот сообраќај, за кои ова правило не се применува.
„Доколку е потребна поголема контрола или евиденција на возачите, тоа ќе се надмине со решението со мулти визите. Предлагаме да се издаваат на период од пет години, да им обезбедат на транспортерите неограничено влегување и излегување од државите и да не мора да се бројат деновите на престој. За жал, досега одговор на ова барање нема“, посочува Муратовска.
Проблемот на македонските камионџии, а и на нивните балкански колеги особено ќе се интензивира од 10 април, кога сите држави од Шенген зоната ќе мора да го имплементираат новиот електронски систем за влез и излез, односно ЕЕС. Тие од денеска започнаа простести со блокада на карго превозот на граничните премини на Балканот и кон земјите членки на ЕУ со што ќе се обидат дополнително да извршат притисок за изнаоѓање на решение за овој проблем. Протести, освен Македонија, најавија и Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, но не и Албанија и Косово. Првите 12 часа ќе бидат затворени премините за излез за карго од Македонија, а на полноќ и за влез, а ќе се прави исклучок само за камиони со лекови, жива стока или експлозиви и муниција. Транспортерите најавуваат дека протестите ќе продолжат во текот на целата недела на сите премини на Балканот.
Претходно, министерот за транспорт Александар Николоски, минатата недела, исто така, ја обвини Европската унија за проблемот на транспортерите од Западен Балкан. Според неговата изјава, ЕУ би била виновна ако овој, како што рече „огромен економски проблем“ целосно ја колабира македонската и регионалната економија. Од изјавата на министерот се добива впечаток дека македонските власти ја поддржуваат блокадата.
Шенген-зона област која се состои од 29 европски држави кои официјално ја укинале пасошката и сите други видови на гранична контрола на нивните заеднички граници. Зоната е наречена по Шенгенскиот договор од 1985 година. Вкупно 25 земји-членки на ЕУ се дел од Шенген-зоната, заедно со четирите земји-членки на Европската асоцијација за слободна трговија Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, не се членки на ЕУ, но се дел од Шенген-зоната. Европските микродржави Монако, Ватикан и Сан Марино се де факто дел од Шенген-зоната.